Никола Димитров веќе нема да биде вицепремиер за европски прашања, Радмила Шекеринска заминува од Министерството за одбрана, а членови на Владата нема да бидат ни досегашниот министер за здравство Венко Филипче, министерката за образование Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерката за култура Ирена Стефоска. Новата Влада што треба да ја предводи Димитар Ковачевски ќе брои 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри. Новиот владин кабинет ќе има еден член повеќе – министер без ресор, место што и припадна на Алтернатива.
Седницата за избор на новата влада предложена од Димитар Ковачевски е закажана за сабота, во 11 часот. Собраниската расправа за избор на нова влада трае најмногу два дена, а за изборот на владиниот состав се гласа по нејзиното завршување, односно најдоцна до 24 часот вториот ден или во случајов во недела до полноќ. Владата е избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници во Собранието.
