Штом стане премиер Димитар Ковачевски ќе го покани новиот бугарски премиер, Кирил Петков, да ја посети Македонија. Новиот лидер на СДСМ утрово ова и го соопштил на американската амбсадорка, Кејт Мери Брнз, повторувајќи го ставот дека е потребно да се најде взаемно прифатливо решение со Бугарија за да се симне ветото за старт на преговорите со ЕУ. Според Ковачевски, потребно е да се направи план за отстранување на блокадата.
За нас е најважно да направиме план, заедно со бугарската влада, за отстранување на блокадата час поскоро, секако со заедничко прифатливо решение. Ние треба да останеме посветени и ангажирани во разговорите со искрен пристап. Ако ист таков пристап има и новата бугарска влада, верувам дека е можно да изнајдеме компромис за отворените прашања, рече Ковачевски.
Во партиското соопштенето по средбата на Ковачевски со Брнз пак нема детали на каков план реферирал Ковачевски, односно дали тој би го опфатил предлогот на бугарскиот премиер Петков за формирање на нови работни групи меѓу двете земји во неколку области или новиот лидер на социјалдемократите ќе и презентира на Софија свој план за надминување на ветото.
Во меѓувреме и бугарскиот премиер чека да се заокружи процесот на избор на нова влада во Македонија и потоа да се направи план за работа на работните групи кои тој ги предлага, а за кои бара уште во јануари да ја добијат својата структура.
Сепак Петков во најавите за планот како да се придвижат работите меѓу двете земји од мртва точка, на кој за тоа му даде рок од шест месеци, не пропушти во неколку наврати да каже дека по некои прашања, како историските нема да има отстапки, односно дека некои жешки теми меѓу двете земји ќе останат на маса. Според Петков во моментов не постои влада во двете земји која може едноставно да седне и да потпише договор, без притоа да не ризикува да падне, со што не му остава многу простор на Ковачевски, како иден премиер, за разработување на заеднички план со кој ќе се тргне блокадата од Бугарија за Македонија, барем во догледно време.
Тамара Грнчароска