Агенција за заштита на право на слободен пристап до информации од јавен карактер неодамна објави повик на социјалните мрежи, а граѓаните даваа свои предлози, сугестии и искуства, за да помогнат за подобрување на пристапот до информациите од јавен карактер и остварување на подобра комуникација со имателите, а во насока на градење на потранспарентно општество.
На прашањето: Дали некогаш сте имале потреба од информација и дали сте ги нашле на веб страната на институцијата или сте поднеле барање за пристап до информации од јавен карактер? – граѓаните дадоа бројни предлози, а како најинвентивен беше предлогот од Иван Дургутов според кого, креирањето на мобилна апликација несомнено ќе ја олесни и забрза комуникацијата со имателите на информации од јавен карактер, што пак ќе придонесе и за градење на потранспарентно општество.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер предлогот на младиот Иван Дургутов го награди со таблет.
„Моето искуство во однос на комуникацијата со имателите на информации од јавен карактер е обемно, но истовремено и различно, од случај до случај. Од тие причини сум на мислење дека изготвувањето на една мобилна апликација ќе им овозможи на барателите поедноставна и побрза комуникација со службените лица кај имателите на информации. Сметам дека мојот предлог за подоборување на нивото на комуникација со имателите преку создавање и користење на мобилна апликација има и своја додадена вредност, зашто дополнително ќе придонесе за подигање на свесноста и заинтересираноста за информациите од јавен карактер кај младата популација која предничи во употребата на технолошките придобивки и алатки на модерното време“, изјави Дургутов, во разговорот со директорката Пламенка Бојчева.
Кампањата „Избери Интегритет“ на АСПИ во која под хаштагот #SakamDaZnam, реализираше бројни активности со цел да информира, едуцира и да ја подигне свеста на граѓаните за остварување на нивното право на пристап до информациите од јавен карактер со што граѓаните ќе имаат увид во работата на институциите и ќе стимулираат транспарентност на институциите во извршувањето на нивните активности. Истата е во рамките на ИПА 2 проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“ финансиран од ЕУ.
