Основците во поголем број од средношколците ќе бидат дел од скринингот на здравствените и образовните власти, информираат денес надлежните. Во 364 основни и 109 средни училишта ширум државата следната недела ќе се зема брис. Дотогаш ќе се бара писмена согласност од родителите, а со тоа е започнато веќе од денес. Од секторот Здравство потенцираат дека тестирањето ќе трае помалку од една минута, ќе биде безболно и безбедно, како и секое друго земање брис од грло или носна шуплина.
„Министерството за здравство ќе го реализира скринингот во училиштата по извршен случаен избор на ученици, а тестирањето ќе го прават здравствени работници, кои ќе ги тестираат учениците во самите училишта, во просторија одредена од страна на училиштето.“
Најмногу тестови ќе бидат направени во Скопје – 766. Следи Тетово со 546, Куманово со 489, Битола со 378, Прилеп 309 и Гостивар 296 тестирања. Надлежните апелираат да нема отпор кај родителите за скрининг, затоа што тоа е во интерес на учениците – да може соодветно да се носат одлуки за образовниот процес, базирани на докази. Ова се случува во моменти кога месец и половина учениците присуствуваат на настава со физичко присуство во училишните клупи, а од Образование речиси секојдневно велат дека процентот на новозаразени се движи од 0,01 до 0,03 отсто.
Петар Догов
