Високи температури, а вода нема. Гостиварчани во нова неизвесност, како да ја одржат хигиената и да се заштитат од инфекции кога основниот ресурс е ограничен? По хидричната епидемија, комисијата за заразни болести предупредува и на можен ризик од жолтица.
- Ние како комисија алармиравме на време да не се опушти здравствениот систем дека можно е покрај овие цревни причинители да имаме појава и на Хепатит А но и на Хепатит Е за што нормално благовремено е известено министерството и сите здравствени власти во државата – Жаклина Шопова Комисија за заразни болести.
Многу причинители, една епидемија и се уште без конкретен виновник. Комисијата вели дека ваквата слика не е невообичаена кај ваквите епидемии, кога во организмот може да се најдат различни вируси и бактерии поради мешање на чиста и неисправна вода. Но, да се каже кој точно го разболел секој пациент, според експертите,тој одговор никогаш нема да се добие.
- Причинителите во конкретниов случај, кој што се изолирани, изолирани се точно е со најсофистицираната метода која што се применува секаде во светот меѓутоа златен стандард по однос на бактериите е копрокултурата Како што сте известени и од министерот и од другите релевантни институции, вие знаете дека копрокултурата кај сите пациентите е негативна. Што значи тоа, да имаме присуство и на бактерии и на вируси но кој е виновникот тоа до сега во светот никој не го кажал при вакви хидрични епидемии, не очекувајте дека некој ќе го даде тој одговор сега за сега – Жаклина Шопова Комисија за заразни болести.
Епидемијата во Гостивар стивнува, но истрагите продолжуваат. Новите податоци на здравствените власти покажуваат намалување на бројот на пациенти кои побарале помош. Од министерството за здравство велат дека во текот на вчерашниот ден, 197 граѓани првпат побарале лекарска помош, што е помалку во споредба со претходниот ден. Во болница во Гостивар биле регистрирани 117 прегледи, додека во Здравствениот дом биле запишани 80 прегледи во дежурната служба и 13 повици до Итната медицинска помош.
Од комисијата за заразни болести апелираат граѓаните и понатаму да ги почитуваат препораките и да не ја користат водата од чешма се до добивање нови официјални резултати.
Симона Петровска
Б.С.
