Нови царини за 60 од најголемите трговски партнери на Соединетите држави беа објавени денеска, предизвикувајќи бран глобално незадоволство и реакција на светските берзи. Администрацијата на Доналд Трамп трагаше по правно издржан нов начин повторно да ги воведе царините, откако во февруари американскиот Врховен суд ги прогласи за неуставни, одлука која неизмерно го разлути претседателот, особено затоа што Вашингтон беше приморан да исплати милијарди долари како надомест за незаконски наплатените царини.
Да, ние ги интензивираме преговорите со САД во потрага по сеопфатен договор кој ќе ги уреди сите сектори поврзани со царините. Во секој случај, без разлика на исходот од овие преговори, Канада ќе направи сѐ што е потребно да ја надградиме нашата сила дома и да ги заштитиме канадските семејства, работници, нашите земјоделци, нашите бизниси, порача канадскиот премиер марк карни.
Правното оправдување за новите царини, кои ја заменуваат привремената мерка која истекува денеска, се неоснованите обвинувања дека најголемиот дел американски трговски партнери не прават доволно да ја искоренат употребата на принудна работа долж нивните синџири на снабдување. Сепак, ниту една од земјите за кои се воведуваат санкциите, не се согласува со оваа квалификација.
Ние веруваме, владата на Албанезе верува дека наметнувањето на повисоки царини за Австралија е сосема неоправдано и ќе продолжиме да лобираме кај американскиот трговски претставник за отстранување на сите царини за австралиските производи, рече австралискиот министер за трговија, дон фарел.
60-те најголеми трговски партнери, за кои Вашингтон ги воведува новите царини, се одговорни за дури 99,4 проценти од целокупниот американски увоз. Тоа што особено ги иритира овие држави е фактот што е речиси невозможно да докажат дека во нивните синџири на снабдување не се користи принудна работа.
Жално е што оваа мерка која воведува царини за Јапонија врз основа на непостоечка забрана за стока произведена со користење на принудна работа, и покрај фактот што јапонската индустрија и трговија го почитуваат меѓународното право, рече генералниот секретар на јапонската влада, минору кихада.
Американскиот претседател е длабоко убеден, и покрај бројните докази во спротивното, дека царините ги заштитуваат американското домашно производство и работници. Освен тоа, тој редовно ги користи и како дипломатска алатка во неповрзани со трговија спорови, вршејќи притисок врз одредени земји.
Игор Трајков
