Наместо на работа во мисијата на ОБСЕ во Виена, во затвор во Врање. Македонски дипломат е уапсен по меѓународна потерница минатиот петок во Србија. Според весникот Коха станува збор за Миле Миленковски кој е заменик-шеф на македонската мисија во седиштето на ОБСЕ во главниот град на Австрија.
МНР попладнево го потврди апсењето. Коха објави пак дека Миленкоски наводно пред 3 години учествувал во операција за спасување и извлекување на контроверзен ерменски бизнисмен од неговата татковина. Коха пишува дека бизнисменот бил извлечен од Ерменија успешно, а во таа држава бил обвинет за злоупотреба на огромни финаниски средства, злоупотреба на државни фондови и за перење пари. Македонскиот дипломат ја извршил операцијата на извлекување со брзо формирана хуманитарна организација за лица со посебни потреби и со приватен авион. Во ова недипломатска активност учествувале уште двајца македонски дипломати, а според Коха постојат сомнежи дека операцијата е направена со знаење на високи безбедносни структури во Македонија. Во македонската мисија во седиштето на ОБСЕ во Виена каде се јавивме не одговорија на нашето барање за информации за случајот.
Не упатија за одговор во МНР. Од министерството доцна попладнево потврдија и соопштија дека дипломатот сега е во екстрадициски притвор по потерница за кривично дело наводно извршено при негово приватно патување во странство.
Министерството за надворешни работи, согласно законските надлежности го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен, соопштија од МНР.
Според написот на КОХА потерницата била распишана уште пред 3 години, па нејасно е зошто досега не била реализирана. Од друга страна Миленковски како дипломат има и дипломатски имунитет, поради што и МНР било директно информирано за апсењето, но го потврди дури откако медиумите го објавија скандалот.
Миомир Серафиновиќ
