Изборните дејствија стартуваа, а изборните правила се уште не се утврдени. Се очекува Собранието да „го отвори“ Изборниот законик уште во почетокот на наредната недела, па и да го изгласа делот што значи прифаќање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Сите други предлози, меѓу кои праговите и отворените листи, може да бидат повлечени, доколку поголемите, помалите партии и невладиниот сектор наредниве денови не успеат да се договорат.
Од владеачката СДСМ велат дека разговорите се уште течат и дека се настојува да се постигне консензус, како што е вообичаено при носењето изборен законик.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека разговори нема. Очекуваат власта прво да постигне консензус во рамки на својата коалиција.
По неколкумесечните разговори во работната група, чиј покровител беше Министерството за правда, четирите најголеми партии предложија за независни листи да се обезбеди поддршка од 2 одсто од запишаните избирачи во општината или во град Скопје. По силните реакции на дел од граѓанскиот сектор и најавата на претседателот Пендаровски дека нема да потпише таков рестриктивен закон, власта најави отстапка на 1 одсто или останување на старото решение.
Во меѓувреме, течат подготовките за гласање со фингерпринт. ДИК соопшти дека има завршни консултации пред потпишувањето на договорот со економскиот оператор Дермалог, кој го доби тендерот за набавка на опрема. Во првата фаза, ќе бидат испорачани 200 апаратчиња за отисок од прст, кои ќе служат за обука на 21 илјада членови на општинските изборни комисии од државната и од јавната администрација и околу 14 илјади членови на избирачките одбори кои ќе бидат предложени од партиите.
Соња Николовска
