Вакциналните пунктови не можат да стигнат пред налетот на заинтересираните за вакцина против Ковид-19. Од рано утрово гужва е и во тетовскиот пункт, оти во градот налетот на корона бранот е најсилен. Но дополнително новите рестриктивни мерки ги исплашиле граѓаните, па си толкуваат дека нема да можат без сертификат да влезат никаде, не само во кафеана или на свадба.
Полицијата и војската мака мачат да воспостават ред пред пунктот. Брзаат и оние кои треба да примат втора доза и оние кои се за прва. Докторите велат дека хаосот започнал кога беа укинати термините за вакцинација, а сега само кулминира.
Но вака беше и во двете поликлиники во Скопје, Јане Сандански и Букурешт каде бевме во обиколка. Гужвите не стивнаа ниту во најжешкиот период од денот. Функционираат пет пункта но сега од министерството најавуваат дека ќе се отворат дополнителни четири на Битпазар, Ченто, Ѓорче Петров и Драчево. Но од здравство немаат одговор што со оние што неодамна го прележале вирусот, а препораките од докторите им се за сега да не се вакцинираат. Ако некој на пример денес е означен за излекуван, утре според новите мерки нема да може да влезе во кафеана со над 30 гости, оти нема сертификат за вакцина.
Вакцинацијата треба да ја направат согласно упатството од здравствените работници и препораките. Доколку е потребно одреден период да се почека тоа треба да го сторат. Бараме разбирање кај граѓаните бидејќи овие мерки се исклучиво во интерес на јавното здравје, тврдат од здравство.
За прв пат земјава воведува мерки кои ќе ги поделат вакцинираните од невакцинираните. Од понеделник сертификат ќе се бара во угостителски објекти дури и на отворено, ако има повеќе од 30 луѓе. За некои тоа е дискриминација. Но деталите за вработените или редарските служби се уште не се дефинирани. Задолжителна вакцина не е воведена, а според статистиката од новозаразените, сепак 9 проценти се вакцинирани, нема деталидали со прва или втора доза.
Билјана Николовска
