Македонија Топ вести

Во раните утрински часови локализиран пожарот во Ранковце

Шумскиот пожар што вчера зафати голема површина во атарот на селата Отошница и Радибуш во Општина Ранковце рано утрово е локализиран, информираат од Јавното претпријатие Македонски шуми, подрачно шумско стопанство „Осогово”, Крива Паланка.

-Пожарот кој вчера стихијно се ширеше во најголем дел од реонот на селото Отошница и дел село Радибуш и опожари и шуми и ливади, но за жал и куќи на месното население, е локализиран околу полноќ. По неговото првично локализирање повторно се појавија одредени жаришта, на кои се интервенираше, така што целосно е локализиран околу два часот утринава. Со пожарот е зафатена голема површина борова и дабова шума, ливади, а проценка и мерење ќе се врши во текот на денот, изјави Ивица Митовски, директор на ПШС „Осогово”, Крива Паланка.

Поради сериозноста на ситуацијата со пожарот, синоќа  во Ранковце на местото каде пожарникарите и мештаните се бореа со пламените јазици беа и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

–Службите се на терен, сите надлежни институции се активирани, со цел да се стави под контрола оваа состојба. Состојбата ја следиме будно, координирано работиме со сите надлежни институции, со цел најитно спречување на поголеми штети. Државните органи се во полна подготвеност, да се справиме со ова успешно и ефикасно. Вечерва остануваме на терен, заедно со граѓаните, со сите екипи, затоа што безбедноста, заштитата на населението и материјалните добра е наш врвен приоритет, напиша Николовски на својот Фејсбук профил.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, напиша дека по локализирање на пожарот со вицепремиерот Николовски и со македонската полиција се упатиле кон Старо Нагоричане каде има активни пожари.

-Во текот на ноќта будно ќе ја следиме состојбата, државата ги мобилизира сите свои сили со кои располага за ставање на состојбата под контрола и целосно гасење на пожарите. Голема благодарност до граѓаните, пожарникарите, полицајците, ЈП Национални Шуми, градоначалниците на Ранковце, Крива Паланка, Пробиштип и Старо Нагоричане кои помогнаа во справувањето со состојбата. Апелирам до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите, напиша Спасовски.

И во Крива Паланка во текот на вчерашниот ден се регистрирани повеќе пожари и тоа во селата Варовиште, Конопница и Кошари, м.в.Црвена нива, а опожарени плевна, куќа, дрва за огрев, сува трева, нискостеблеста деградирана шума и дабова шума.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ССМ: Зголемувањето на старосната граница за пензионирање нe е е решение за покривање на дефицитот на Пензискиот фонд

Дејан Дејан

Крадци ноќеска испразниле банкомат во трговски центар во Скопје

Kristina Kuzmanovski

Судење „ИПАРД“: Преслушување телефонски разговори меѓу обвинетите 

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе