Рампите на границите меѓу Македонија, Србија и Албанија од 2023-та година да бидат отворени за граѓаните на трите земји. Да нема царини и да се обезбеди слободен проток на стоки, услуги и капитал. Ова е проекцијата за иднината на премиерите на Македонија и Албанија Заев и Рама и на претседателот на Србија Вучиќ кои ветија дека наскоро ќе стане реалност. Иницијативата за регионална соработака „Мини Шенген“, доби ново име „Отворен Балкан“. Наместо ѕидови, изградивме мостови. Наместо политиката и минатото, се вртиме кон развојот и иднината, рекоа лидерите на трите земјии и порачаа на другите земји од регионот- кој сака може да ни се придружи.
Регионот изгуби премногу време тапкајќи во место – рекоа тие – го немаме тој луксуз да чекаме уште- порачаа тие. Беа категорични дека Отворен Балкан е можност за развој на регионот додека е во чекалната на ЕУ.
Заев, Вучиќ и Рама потпишаа три меморандуми за соработка – за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки, за слободен пристап до пазарот на труд и за помош и заштита од катастрофи. На Форумот учествуваа над 350 компании од трите земји. Стопанството побара од лидерите да реализиаат тоа што ветиле. И тие како и Заев, Рама и Вучич стравуваа во капацитетот на администрацијата на трите земји да ги спроведе овие големи реформи. Лидерите пак договорија нови средби и нови проекти на есен во Белград и Тирана.
Александра Филиповска
