Нов шумски пожар избил попладнево во турското одморалиште Мармарис, кој брзо се проширил и се симнал до еден од хотелите, поради што туристите беа принудени да се евакуираат. Пет хеликоптери и 30-тина пожарникари го гаснеа денешниот пожар, а луѓето и од околните згради беа евакуирани од безбедносни причини, откако стихијата со помош на ветрот ја промени насоката и се движеше кон населените места.
На југот од земјата, во познатите летувалишта Анталија и Бодрум, веќе трет ден беснеат пожари, а според последните информации загинаа три лица, речиси 160 луѓе се пожалиле на тешко дишење, од кои половината се хоспитализирани и ставени на кислород, поради труење со чад. Голем дел од туристите ја напуштаат државата бидејќи и покрај напорите на пожарникарите, огнената стихија никако да стивне. Помага и локалното население кои со црева се обидуваат да спречат огнот да дојде до нивните куќи, иако некои луѓе веќе останаа без своите домови.
