Во својата последна официјална посета на Вашингтон, германската канцеларка Ангела Меркел се обидува односот со Америка повторно да го врати на цврсти темели, откако 4 години му беше трн во око на Доналд Трамп. Но, ветеранката има широка палета од прашања за кои треба да разговара со американскиот претседател Бајден, кој го познава со децении.
Иако Америка и Германија се клучни НАТО сојузници, двете големи сили се спорат околу многу прашања: економската соработка со Кина, гасоводот, како и противењето на Германија да се откаже од патентот за производство за вакцините против ковид. Сепак, според аналитичарите, Бајден ја смета Меркел за цврсто сидро на модерниот трансатлантски однос, и подготвен е да го промени тонот.
Четири години, трн во око за администрацијата на Трамп беше посебно Ангела Меркел, и беа одбележани со посебен анимозитет против Германија од страна на тогашниот претседател. Сега имате многу поинаков тон. Вратени се експертите за надворешна политика во Белата Куќа, луѓе со моќни транс-атлантски позадини, вели Кетрин Кливер Ешброк, директор на Германски совет за надворешни работи.
Она што долго време ја зголемуваше тензијата во американско-германските односи беше и прашањето за гасоводот Северен Ток 2, за кој Вашингтон стравува дека ќе се зголеми европската потреба од рускиот гас. Соединетите Држави тврдат дека овој проект ја загрозува европската енергетска сигурност. Но, Бајден неодамна се откажа од заканувачките санкции, и со тоа навести можен компромис.
Северниот ток 2 е комплицирано прашање кое ги допира нашите сојузници во Европа. Се противев на Северен Ток 2 долго време, од почетокот кога бев на функција, па дури и пред да ја напуштам функцијата потпретседател, рече американскиот претседател Бајден.
Меркел е прв европски лидер кој е во посета на Белата Куќа со администрацијата на Бајден. Многумина се прашуваат по кој пат ќе тргне Германија по заминувањето на канцеларката и нејзината замена во септември. Меркел сепак сака да ја избегне ситуацијата во која Германија или ЕУ би биле принудени да бираат страна меѓу Кина или САД. Освен официјалната посета, Ангела Меркел ќе го добие и почесниот докторат – кој е 18-ти, од универзитетот Џонс Хопкинс. Но, нејзиното патување во Америка сигурно не е последно. Оваа моќна жена на една од своите посети во Конгресот кажа дека растејќи во Источна Германија сонувала дека како пензионер ќе може да ја пропатува цела Америка.
Алиса Шутиноска
