Забраната за влез на нашите тројца функционери бара официјални одговори – напишаа од партијата Влен на нивната официјална страница на Фејсбук, откако без објаснување, како што велат, не им бил дозволен влез во Албанија.
Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, на граничниот премин Ќафасан биле задржани околу еден час без никакво официјално објаснување, иако сите тројца имале дипломатски пасоши.
Според информации кои им биле неофицијално соопштение од граничната полиција, за нив имало забрана за влез.
Сепак, не им им бил даден никаков документ или официјално образложение.
ВЛЕН бара од властите на Република Албанија да ја информираат јавноста дали навистина постои таква мерка и доколку е така да соопштат кој ја донел таа одлука и кои се конкретните причини за ваква збарана против избрани функционери и институционални претставници.
„Меѓуалбанските односи треба да се градат врз транспарентност, институционално почитување и јасна комуникација, а не врз необјаснети запирања и процедури што оставаат простор за сомневање“, пишуваат од ВЛЕН на официјлната Фејсбук страница на партијата.
Но според порталот Коха на албански јазик, забраната за влез не важи само за овие тројца функционери, туку албанските власти забраниле влез и на десетина други активисти и поединци блиски до „ВЛЕН“, од кои повеќето се од тетовскиот регион.
„Во саботата околу пладне, неколку возила со активисти на „ВЛЕН“ биле вратени од граничниот премин „Блато“. Тие се обидувале да влезат на албанска територија за да учествуваат на протест против албанската влада“, пишува Коха.
Според Коха, меѓу нив имало лица општински советници од Тетово, Желино и Теарце, блиски до пратеникот Аднан Азизи и до градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Досега нема официјална реакција од албанските власти во врска со причините за забраната за влез на овие лица во Албанија.
