Американскиот претседател, Доналд Трамп, упати денеска пофалби до Украина и нејзиниот претседател Володимир Зеленски, што претставува значителна промена во однос на неговиот претходен тон кон украинското раководство.
По нивната средба на маргините на самитот на НАТО во Турција, Трамп изјави дека разговорот поминал во „многу добра атмосфера“и дека тој и Зеленски „развиле многу добри односи“.
Трамп ја пофали и украинската употреба на дронови во одбраната од руските напади, оценувајќи дека земјата развила исклучително ефикасна и евтина технологија.
Тој дури посочи дека САД би можеле да набавуваат украински дронови.
„САД произведуваат одлични дронови, но тие имаат способност да произведуваат голем број од нив. Тоа е неверојатно“, изјави Трамп, додавајќи дека украинската технологија е „неверојатна и многу евтина“.
Обраќајќи му се директно на Зеленски, американскиот претседател рече:
„Вие сте многу талентирани луѓе. Мислам дека ќе го склучиме тој договор. Ако го направиме тоа, ќе имаме одлична заштита.“
Ваквите изјави претставуваат пресврт во ставот на Трамп, кој во минатото беше скептичен кон употребата на евтините, но ефикасни украински беспилотни летала и тврдеше дека американската технологија и воени тактики се супериорни.
Говорејќи за можноста за мировни преговори меѓу Русија и Украина, Трамп рече дека би сакал лидерите на двете земји да седнат на заедничка средба.
Тој откри дека разговарал за тоа со рускиот претседател Владимир Путин, кој, според него, бил подготвен да се сретне, но инсистирал средбата да се одржи во Москва. Трамп рече дека ја одбил таа идеја во име на Зеленски.
За време на разговорот, Трамп директно го прашал украинскиот претседател дали би отпатувал во Москва на средба. Зеленски одговорил низ смеа:
„Тешко е. Таму има многу украински дронови. Опасно е“, се пошегувал украинскиот претседател.
