Полиберални мерки наспроти гужви на скопскиот аеродром – и сè тоа во време кога Делта варијантата на Ковид демне од секаде. На скопскиот и охридскиот аеродром затегнатите рестрикции важеа до пред околу две недели, кога во терминалната зграда не смееше да влезе секој.
Дополнително, властите овде одлучиле дека службите нема да Ви бараат негативен тест за да Ве пуштат на македонска почва.
А, во меѓувреме речиси и да нема аеродром во странство за каде што не Ви е потребен
официјален документ дека не сте носители на Ковид-19 во моментот кога пристигнувате и тоа е така заради ризикот од пренос на опасната нова мутација на вирусот.
Овде пунктот за тестирање е за патниците кои треба да имаат и негативен Ковид-тест помеѓу патните документи во странска држава.
„Во пунктот зад мене се прави Ковид-тестирање, а влез во терминалната зграда сега е дозволен и за придружбата на патниците, а не како што беше досега од почетокот на пандемијата – дозволен влез само за оние коишто имаат авионски билет.“
Македонија сега се соочува со индиската мутација на Ковид или Делта-сојот. Неколкуте случаи во само еден ден не донесоа драстични промени на полето мерки и рестрикции.
Но, тоа не значи дека нешто не може да се смени во брзо време. Регулативата овде може да се смени и да се бара документ на граница за влез во земјава, најавува министерот за здравство.
„ПЦР-тестови или потврди за вакцини или доказ за прележана болест – тоа што е стандардно и во некои од другите земји, но мора да кажам и дека ќе видиме како ќе биде ситуацијата во регионот поради тоа што мора мерките да бидат усогласени. Во регионот еве гледаме какви мерки имаат во Грција, а таму има пораст на случаите на новозаразени – многу поголем од сите други земји во регионот“ вели министерот за здравство, д-р. Венко Филипче.
А, Комисијата за заразни болести токму до крајот на неделава ќе ги анализира сите новитети поврзани со Делта-варијантата и ќе одлучи дали ќе препорача на граничните премини да се воведе дополнителна мерка. Тоа би важело и за сите граѓани од земјава коишто отпатувале во странство.
Петар Догов
