Eврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА изјави дека ниту една земја кандидат за членство во Европската Унија(ЕУ) досега нема добиено, ниту пак може да добие гаранции дека во текот на преговарачкиот процес нема да се појави нов билатерален спор.
Во пресрет на нејзината утрешна официјална посета на Македонија, таа јасно стави до знаење дека спроведувањето на преземените обврски и внесувањето на Бугарите во Уставот остануваат единствениот пат за продолжување на евроинтеграциите.
„Според моето искуство, таквата доверба првенствено се гради врз два елемента: исполнување на обврските и ставот на земјите кандидати кон ЕУ и нејзините земји членки. Ова почнува со добрососедски односи. Кога меѓусебната доверба расте, процесот на пристапување станува побезбеден. Убедена сум дека ова би било случај и за Северна Македонија. Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја-членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност“, изјави Кос.
Марта Кос денеска порача и дека Европската Комисија оваа есен ќе предложи нови начини за земјите кандидатки да се доближат до ЕУ пред пристапувањето.
