Шефот на Енергоатом, украинската агенција за нуклеарна енергија за да се избегне нова нуклеарна криза во Европа предложи сините шлемови на ООН да се грижат за безбедноста на најголемата нуклеарна централа на стариот континент. Запорожје е под руска контрола уште од првите денови на војната, но изминативе недели е сцена на жестоки борби меѓу украинската и руската армија. Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија, во извештајот по посетата на централата предложија формирање безбедносна зона околу неа, што за украинскиот претседател Зеленски е прифатливо само ако биде проследено со повлекување на руската армија од централата.
Ако дел од овој предлог е демилитаризација на територијата на нуклеарната централа, а тоа би било логично, бидејќи руското воено присуство ја стави Запорожје на раб на нуклеарна катастрофа, тогаш можеме да поддржиме таква демилитаризирана безбедносна зона, рече Зеленски.
Рускиот претседател денеска изјави дека му верува на извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија, но ја критикуваше агенцијата затоа што во него не навела дека Украинците се тие кои ја загрозуваат безбедноста на централата.
Ние ја имаме контролата над централата. Нашите војници се таму. Тогаш што е, самите на себе си пукаме? Тоа е апсолутна глупост. Невозможно е поинаку да се каже. Делови од ХИМАРС-и и други западни оружја се расфлани таму, изјави Путин.
Меѓународната агенција за атомска енергија во извештајот за Запорожје посочи дека гранатирањето и борбите околу најголемата нуклеарна централа во Европа мораат веднаш да престанат. Агенцијата смета дека неодложно мораат да бидат воведени привремени мерки за да се избегне нуклеарна катастрофа, и дека сите страни ќе мораат да се согласат на формирање на безбедносна зона околу централата, за да се спечи понатамошното нејзино оштетување.
Игор Трајков
