Порано велевме дека крајот на војната за нас е враќањето е мирот, но сега тврдиме дека тоа е само победата, им порача на украинските граѓани, претседателот на државата Володимир Зеленски. На денот на својата независност, Украина одбележува и 6 месеци од почетокот на руската инвазија. Без големи паради заради опасноста од напади, но со изложени уништени руски тенкови и артилерија на централниот плоштад во Киев.
Украина го одбележува денеска денот на независноста на државата, со силни мерки на обезбедување и внимателност заради стравувањата од нови руски напади.
За денот на независноста во Киев вообичаено се одржува голема воена парада низ центарот на градот, но оваа година сите јавни поголеми јавни настани се откажани заради опасноста да бидат цел на напад. Денот на независноста Украина го одбележува и на денот кога земјата одбележува и 6 месеци од почетокот на руската инвазија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќањето до нацијата им оддаде почит на жртвите на руската агресија, но и вети дека целта на неговата влада е ослободувањето на сите украински територии окупирани од Русија без концесии или компромиси.
„Издржуваме веќе 6 месеци. Тешко ни е, но ги стиснавме тупаниците борејќи се за нашата судбина. Секој нов ден е нова причина да не се предадеме. Затоа што откако издрживме толку многу, немаме право да не стигнеме до крајот. Кој е крајот на војната за нас? Порано велевме: мир. Сега велиме: победа. Нема да бараме разбирање со терористите. За нас, Украина е цела Украина. Сите 25 региони, без некои концесии или компромиси. Не ги знаеме овие зборови. Уништени беа со проектилите на 24-ти февруари. Донбас е Украина. Ќе го вратиме, каков и да е патот. Крим е Украина. Ќе го вратиме, каков и да е патот“ – порача Зеленски.
Зеленски и неговата сопруга Олена Зеленска запалија свеќи пред споменикот на жртвите во протестите од 2014-тата година во Киев со кои беше соборен од власт тогашниот лидер на државата, Виктор Јанукович, додека потоа им оддадоа почит и на украинските војници кои ги изгубија животите во источниот регион Донбас во текот на војната.
Жителите на Киев утринава ги разбуди звукот на сирените, потсетувајќи ги дека државата е нападната од Русија. Иако нема големи собири, граѓаните имаат можност да ги видат уништените руските тенкови и подвижната артилерија кои се изложени на централниот плоштад во Киев а беа уништени во текот на војната.
Да се биде независен значи да се мисли, зборува и прави што се сака. Дури и во време на војна. Тоа го прави Украина.
Во Русија, државните медиуми продолжуваат со ширење на верзијата на официјална Москва за специјалната воена операција во Украина, терминот кој се користи за инвазијата на соседната држава. Главната порака останува дека воените активности се одвиваат според планот и биле изнудени од уцените и притисокот од Западните земји.
Руската специјална воена операцја во Украина не е коинциденција. Таа беше предизвикана од постапките на Соединетите држави и НАТО, кои намерно ја поткопуваат безбедноста во Европа и светот.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, порача и дека напредувањето на руските сили во Украина е забавено заради одлуката да се избегнуваат цивилните жртви, додавајќи дека затоа се користи високо прецизно оружје и се напаѓаа командни центри, аеродроми, магацини со оружје и други исклучиво воени цели.
Никола Илиевски
