Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп се најде на мета на Американската агенција за криминални истраги и разузнавање поради сомеж дека поседува доверливи документи од Белата куќа. Претресот започнал рано наутро во понеделникот, а агентите влегле во канцелариите на неговиот имот Мар–а-Лаго во Палм Бич, Флорида, додека тој бил во Њујорк.
Трамп и неговите сојузници експресно обвинија дека ова е уште еден обид на демократите да го спречат во намерата да освои нов претседателски мандат, но од Белата куќа соопштија дека претходно немале сознание за претресот, а посочија и дека актуелниот директор на ФБИ, Кристофер Вреј, е назначен токму од Трамп пред пет години и служел како висок функционер во Министерството за правда предводено од републиканците.
Не знаеме со сигурност што барале, што зеле. Но, знаеме дека порано во Мар-А-Лаго биле пронајдени 15 кутии со доверливи материјали. Тоа откритие беше упатено до Министерството за правда откако Националниот архив го најде тој материјал. Значи, можно е да барале дополнителени доверливи материјали што поранешниот претседател можеби го однел со себе во својата резиденција, вели Мишел Л.Прајс Асошиејтед прес .
Во февруари, Националниот архив на САД побара од Министерството за правда да го истражи Трамп за неговото ракување со службени документи, при што официјални лица кажаа дека тој незаконски искинал некои документи и ги фрлал во тоалет во Белата Куќа. Според медиумите, водоводната цевка била затната, по што биле повикани водоводџии, кои ги нашле искинатите хартии.
Постојат повеќе статути кои регулираат доверливи информации, вклучително и закон што ова дело го прави казниво и предвидува и до пет години затвор. Кривично дело е да се изнесат записите и да се задржат на неовластено место. Постои уште еден закон што ова дело го прави кривично, погрешното ракување со доверливите записи, намерно или крајно несовесен начин. Не е јасно како точно, она што се случи денеска на имотот на поранешниот претседател на Флорида се однесува на некои други истраги што се водеа, поврзани со него и неговите соработници, додава Прајс.
Одделот за правда има две познати активни истраги поврзани со поранешниот претседател, едната за напорите за поништување на претседателските избори во 2020 година и 6 јануари 2021 година, а другата која вклучува ракување со доверливи документи.
Претседателот на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, кој го истражува ракувањето со документите од страна на Трамп, го повика Министерството за правда „целосно да го истражи“ начинот на кој поранешниот претседател постапувал со информациите.
Си-Ен-Ен претходно објави дека Трамп често ги прекршувал законите за водење на претседателските досиеја и уништувал документи, нацрти и белешки. Потсети на случајот во кој за време на летот со претседателскиот авион ги прашал новинарите дали сакаат копија од неговиот говор за да ја продадат на eBay. Ваквите наводи тој експресно ги демантираше и ги нарече измислици.
Веднаш по информациите за претресот на имотот на Трамп група негови поддржувачи се собраа пред неговиот имот за да му дадат поддршка.
Александар Петрески
