Борбата за контрола на украинскиот град, Северодоњецк се интензивираше во последните неколку недели, при што двете страни тврдат дека му нанесуваат тешки загуби на непријателот и напредуваат.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека силите на официјален Киев им нанесуваат тешки загуби на Русите во одбрана на најисточниот град во државата кој окупаторите се уште го немаат целосно освоено.
„Северодоњецк и на 105-тиот ден од оваа огромна војна останува епицентарот на борбите во Донбас. Ги браниме нашите позиции и му нанесуваме значајни загуби на непријателот. Станува збор за навистина ужасно и тешко војување. Веројатно, ова е една од најтешките битки во текот на војната. Благодарен сум му на секој еден кој се бори и ја брани нашата земја. Во голема мерка, судбината на нашиот Донбас ќе се реши токму сега“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинскиот гувернер на регионот Луганск, кој речиси целосно е освоен од Руската војска, Серхеј Хајдал, порача дека доколку Западот и обезбеди артилерија со долг досег на Украина, тогаш тие би можеле со сигурност да го одбранат Северодоњецк и да го потиснат непријателот. Според руските претставници само прашање на денот е кога ќе може да се каже дека успеале целосно да го ослободат Донбас.Украинските власти тврдат дека најмалку 15 000 цивили остануваат во Северодоњецк и блискиот град Лисичанск, каде се кријат во подрумите.
Киев и Москва продолжуваат и со дипломатската војна околу проблемот со извозот на житото и пченицата од пристаништата во Украина. Зеленски го повтори предупредувањето дека војната во неговата држава и руската инвазија може да доведат до глобална криза со храната, чии последици најмногу би се чувствувале во Африка.
„Работиме со Обединетите Нации и со генералниот секретар Гутереш за решавање на овој проблем. Рековме дека веруваме дека безбедни поморски коридори мора да бидат создадени со помош на некоја флота на Западните земји на кои Украина може да им верува. Токму на тоа работиме денеска“, додаде Зеленски.
Според шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ситуацијата со Украинската пченица нема никаква врска со криза со храната, која според него Западот и Украина се обидуваат да ја претстават како глобална катастрофа.
Во моментов, проценките се дека околу 22 милиони тони пченица се сместени во силосите во Украина. Деминирајте ги своите пристаништа и нема да има никаков проблем со извозот на пченицата и житото, тврди Лавров.
„Се до неодамна, Украинската влада, вклучувајќи го Претседателот Зеленски, негираа дека се спремни да ги деминираат крајбрежните води за почетокот на процесот. Пред само неколку дена, го чув Претседателот Зеленски кога кажа: „дајте ни оружја против воените бродови и ние сами ќе го средиме ова“. Мислам дека е многу јасно колку оваа изјава е нормална, но доколку Украинската страна, како што ни кажуваат Турските пријатели, е подготвена да се деминира или да дозволи безбедно поминување низ минските полиња , тогаш има надеж дека ќе се реши проблемот“, Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.
Лавров ги повтори зборовите на Путин, дека руската страна никогаш не поставувала пречки за ова прашање и дека се подготвени на повеќе можни решенија, доколку таква воља демонстрира и официјален Киев.
Никола Илиевски
