Водата од градскиот водовод во Крушево е бактериолошки неисправна поради присуство на фекални бактерии и останува забранета за употреба. Сепак, досегашните епидемиолошки анкети не покажуваат последици по здравјето на граѓаните, соопштија од Центарот за јавно здравје – Прилеп. Граѓаните во меѓувреме се снаоѓаат, купуваат пакувана вода или полнат вода од извори. Велат дека во летниот период, кога Крушево е полно со туристи, секојдневието без безбедна вода е дополнително отежнато.
„Купуваме флаширана вода, а за другите потреби ја превриваме, како што ни препорачаа“, вели една сограѓанка.
„Се надеваме дека брзо ќе се реши. Вода ни треба и за готвење и за миење, а сега има и многу туристи“, рече жителка на Крушево.
Причината за ваквата состојба е прекин во работата на системот за хлорирање, предизвикан од прекин во снабдувањето со електрична енергија, соопштија од ЈП „Комуна“ – Крушево. Директорот на претпријатието и градоначалникот денеска беа службено отсутни, а од општинската администрација велат дека состојбата будно се следи, редовно се врши хлорирање и секојдневно се контролира нивото на хлор. Посочуваат дека проблемите со водоснабдувањето во Крушево траат со децении и апелираат медиумите дополнително да не го вознемируваат населението .
-Иако проблемот со системот за хлорирање, според надлежните, е надминат, забраната за употреба на водата за пиење останува. Додека лабораториските анализи не потврдат дека водата повторно е бактериолошки исправна, жителите и бројните туристи во Крушево ќе мора да користат пакувана или превриена вода.“
Од Центарот за јавно здравје – Прилеп велат дека секојдневно го следат квалитетот на водата.
-Примероците од водата беа земени во понеделникот, а резултатите ги добивме на 23 јули. Анализите покажаа дека водата е бактериолошки неисправна и дека нема резидуален хлор. Но, не ги чекавме официјалните резултати. Уште претходниот ден Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани употребата на водата, а и ние издадовме соопштение. Водата не смее да се пие, ниту да се користи за перење или миење садови. Може да се користи исклучиво како техничка вода и никако поинаку“, вели Петар Оханесијан од Центарот за јавно здравје – Прилеп.
За да бидат укинати препораките, потребно е да се добијат три последователни исправни лабораториски резултати. Анализите се во тек, а се очекуваат на почетокот на следната недела, да се знае дали крушевчани повторно ќе можат безбедно да ја користат водата од градскиот водовод
Новинар Емилија Мисирлиевски
Снимател Златко Јосифовски
