Американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот дополнителни 33 милијарди долари финансиска помош за Украина во нејзината борба против Руската инвазија, сигнал дека Соединетите држави се подготвени за голема и долготрајна кампања да го поддржи официјален Киев и да ја ослаби Москва, додека крвавата војна во Украина влезе во својот трет месец.
Последниот предлог на Бајден, кој според Белата Куќа треба да обезбеди поддршка за потребите на Украина во наредните пет месеци, вклучува повеќе од 20 милијарди долари воена помош за властите во Киев и за засилување на одбраната во соседните земји.
Исто така, предвидени се и 8,5 милијарди долари во економска помош за функционирање на владата на Претседателот Володимир Зеленски и уште 3 милијарди за помош во храна и хуманитарните програми за помош за цивилите, вклучувајќи ги и над 5 –те милиони бегалци кои ги создаде војната.
Овој пакет финансиска помош, кој треба да биде одобрен од Конгресот, ќе биде повеќе од два пати поголем од првичниот пакет финансиска помош за Украина, вреден 13,6 милијарди долари.
