Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков најави кривична пријава за клевети и несовесно работење за директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Ирина Бухова, и целиот менаџмент на Инспекторатот заради изнесување на заштитени здравствени податоци во јавност. Ова следува откако директорката Бухова изјави дека правилата се еднакви за секого и дека Пецаков морал да остане во самоизолација додека да добие резултати од ПЦР тестот, а ако е позитивен тогаш добива и решение за домашна изолација се до закрепнување од коронавирусот.
Наместо да покажат минимум одговорност и совест и да им се извинат на охриѓани, Пецаков се заканува со тужби за наводно монтиран случај, а Мицкоски го нема да објасни дали застанува во заштита на неговиот охридски градоначалник.
Пецаков треба да одговара како и секој поединец кој свесно крши протоколи и го загрозува јавното здравје, реагираа од СДСМ.
Инаку, Пецаков се тестирал утрото на 19 јануари, а потоа присуствуваше на прославата на големиот христијански празник Водици. Подоцна во денот добил позитивен резултат, а поради сомневања бидејќи немал симптоми тој направил и втор тест и на него добил негативен резултат.
Според препораките на здравствените власти срочени во Уредба на почетокот на пандемијата, тестираниот треба да се изолира во периодот помеѓу тестирање и добивање на резултати. Првиот позитивен тест значи изолација за заразениот пациент од 10 дена доколку е асимптоматски, или минимум 20 дена под лекарска грижа ако има сипмтоми и развие средно или тешко заболување од Ковид 19.