Испукани ѕидови и тавани во домовите на битолчани кои живеат на повисоките катови од зградите, одрони на фасадите на куќите во старото градско јадро, вознмирени граѓани. Ова е сликата во Битола по синоќешниот земјотрес со магнитуда од 5,6 степни по Рихтер чиј епицентар беше во близина на Лерин, во соседна Грција на дваесетина километри од Битола. Посериозни штети досега не се пријавени, нема жртви, ниту повредени од овој земјотрес кој се случи синоќа во 22 и 43 минути, а во текот на ноќта и утрово следеа серија од над 30 автершокови. Битолчани веднаш по првиот земјотрес масовно ги напуштија домовите, а многумина заминаа и надвор од градот, поради што околу полноќ реки од возила се слејаа кон излезите на градот.
-Прво тресеше вертикално, се тресеше цела зграда, сите ѕидови ни испукаат, вели битолчанка
-Многу беше страшно, се се тресеше дома. Остарев вакво нешто не сум дочекала, вели друга битолчанка.
Оштетувања има и на главната зграда на Клиничката болница во Битола и тоа во внатрешноста, поради што дел од пациентите се испишани, а откажани се и дел од интервенциите. По увидот во штетите, ќе се пристапи кон нивна санација. Помали оштетувања има и во Инфективното одделени, но ковид пациентите се безбедни, велат од Болницата.
-Има оштетувања на зградата, но не се загрозени пациентите, менаџирана е ситуацијата, полесните пациенти се испратени дома, откажана е редовната оперативна програма, но главно ситуацијата е стабилна, рече Билјана Гагачовска, Клиничка болница Битола.
Денеска заседава и општинскиот кризен штаб на кој ќе се разгледува состојбата со серијата земјотреси кои се почувствуваа во Битола. ова е земјотрес со најголема јачина регистриран досега во Битолскиот расед. Во 1994 имаше земјотрес со магнитуда од 5,2 степени по Рихтер, а епицентарот беше во непосредна близина на Битола.
Емилија Мисирлиевски
