Во Израел до 40 отсто од населението може да биде заразено со коронавирус во сегашниот бран, рече премиерот Нафтали Бенет, а капацитетите за тестирање низ целата земја се преоптоварени.
„Податоците презентирани на состанокот на владата покажуваат дека овде во Израел, вкупно меѓу два и четири милиони граѓани ќе бидат заразени за време на овој сегашен бран“, напиша Бенет на својот профил на Твитер.
Израел, земја со 9,4 милиони жители, забележа речиси четири пати повеќе од бројот на заразени минатата недела. Министерството за здравство во саботата објави 17.518 новозаразени.
Недостигот на локации за тестирање изврши голем притисок врз постоечките, поради што владата ја ревидира својата политика за тестирање и утврди дека PCR тестовите треба да бидат наменети само за оние кои се изложени на ризик и постари од 60 години.
Сите останати треба да направат антигенски тест, или дома или кај лекар.
Но, се покажа дека дури и новите упатства не може да се следат.
Во аптеките низ земјава залихите на антигенски тестови се ретки, а луѓето чекаат во редици со часови.
Бенет повтори дека ќе стори сé што е можно за да избегне затворање, кое, според него, не се покажало ефикасно против ширењето на многу заразната варијанта омикрон и може да и нанесе тежок удар на економијата.
„Нашата цел останува иста – да ја одржиме економијата во функција што е можно повеќе и да ги заштитиме најзагрозените“, рече тој.
Израел почна да ослободува вакцинирани посетители во земјата во неделата, шест недели по целосно затворање на границите во обид да се подготви за неизбежниот петти бран со вакцинирање и набавка на лекови.
Податоците од Министерството за здравство покажуваат дека повеќе од 4,3 милиони Израелци се целосно вакцинирани со три дози, а 204 лица се хоспитализирани во тешка состојба поради Ковид во неделата.
Повеќе од 1,5 милиони случаи на ковид се официјално пријавени во Израел, вклучувајќи 8.269 смртни случаи.