Професорот Харис Бабачиќ преку социјалните мрежи им порача на граѓаните: ШТИТЕТЕ СЕ ОД ОМИКРОН ВАРИЈАНТАТА!
-Имаме рекордно-висок репродуктивен број на SARS-CoV-2 кој веројатно се должи на омикрон варијантата и собирите во големи групи во изминатиов период. Омикрон варијантата станува доминантна во Македонија, врз основа на прелиминарни лабораториски извештаи. Треба многу сериозно да се земе бидејќи со себе носи голем ризик за инфекција, поради поголема заразност и способност да го избегне постоечкиот имун одговор, напиша на ФБ, д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторант-истражувач на Институтот Каролинска во Стокхолм, Шведска.
Според него, не е корисен „наративот дека ова е полесна форма на КОВИД-19 и дека треба да ѝ се препуштиме. Уште не знаеме со сигурност колку помал е ризикот од хоспитализација со омикрон споредбено со делта, но знаеме сигурно дека омикрон може да доведе и до хоспитализација и смрт.“
Прогнозата на епидемиологот Бабачиќ е дека: брзиот пораст во бројот на случаи и да води кон пропорционално-помал број хоспитализирани, пак може да доведе до голем број луѓе хоспитализирани во болниците кои ќе го оптоварат здравствениот систем.
-Некорисен е и наративот дека вакцинираните и невакцинираните имаат ист ризик од омикрон.
– Немаат, невакцинираните имаат поголем ризик од полош исход. Имуниот одговор стекнат кон претходни SARS-CoV-2 варијанти има вкрстена реакција и кон омикрон варијантата и КОВИД-19 вакцините ни помагаат и ќе ни помагаат да се соочиме со варијантата.
Омикрон не ни помага во соочувањето со пандемијата, ни одмага и го одолговлекува крајот. Така да ве молам, продолжете и понатаму максимално да се штитите од варијантата и следете ги истите препораки како досега:
- Држете физичка дистанца;
- Мијте раце;
- Носете маска во затворени простории кога сте со луѓе со кои не живеете;
- Редовно вентилирајте ги просториите;
- Максимално избегнувајте големи собири и гужви на затворено;
- Покријте се со внатрешноста на раката (не дланката) кога кивате и кашлате;
- Доколку имате било каков симптом на КОВИД-19, изолирајте се и тестирајте се.
- Посебно важно е:
- Доколку не сте вакцинирани, примете две дози вакцина;
- Доколку сте целосно вакцинирани, штом можете, примете бустер трета доза.
Според графиконот кој го изготвува, преносливоста во моментот е на рекордно ниво и репродуктивниот број изнесува над 3,45 (еден заболен заразува дополнителни 3,45 луѓе) што е повисоко од досегашниот рекорден репродуктивен број на пандемијата во Македонија постигнат на почетокот на август минатата година.
