Бројот на заболени со сезонски грип пораснал за 2, 5 пати во однос на истиот период , минатата година, се вели во последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје. Бројот на новозаболени е 643, за разлика од 259 од лани, а регистрирани се 134 случаи за групни пријави на заболени од грип, пријавени во 6 центри за јавно здравје во земјава. Најмногу од заболените се во Дебар-вкупно 58.
Матичните лекари, потврдуваат за зголемен број заболени со сезонскиот грип во изминативе денови и велат дека инфицираните се исплашени зашто поради сличната симтоматологија мислат дека имаат Ковид. Според матичниот лекар Љубомир Стефановски , малку симптоми ги разликуваат двата вируси и најмногу од заболените лица не се вакцинирани против сезонски грип.
- Нешто по што би се разликувале едни од други, што би асоцирало на сезонски грип е појавата на стомачни проблеми, значи стомачен вирус, а сепак генерално не можеме да ги диференцираме ако не земеме брис. Според оние што ги тестираме или што сами се тестирале со брзи тестови, тие се негативни на Ковид. Генерално се невакцинирани за сезонски грип-Љубомир Стефановски- Матичен лекар во приватна пракса.
Најголем број заболени со сезонски грип се 62 лица, на возраст од 15-64 години, потоа се децата од 5 -14 години-вкупно 36 инфицирани, а најмалку или 9 лица се на возраст над 65 години.Највисока инциденца 26, 0/100 000 граѓани е регистрирана кај налмладите на возраст од 0 до 4 години, стои во извештајот на ИЈЗ. Според директорот на Институтот , Шабан Мемети, поради зголемениот број на заболени од сезонски грип и сличните симптоми меѓу грипот и Ковид-19, сите граѓани треба да внимаваат, особено повозрасните, лицата со коморбидитети и здравствените работници. А, кај оние случаи со поизразена клиничка слика треба да се направат тестови за да се прецизира состојбата. Сепак најважно е граѓаните да се вакцинираат.
- Многу е битно луѓето да продолжат да се вакцинираат против Ковид-19 и за сезонски грип- Шабан Мемети-директор на Институтот за јавно здравје.
Вакцинацијата за сезонски грип започна на 11 ноември , но со задоцнување, што дополнително го одложи периодот за создавање имунитет кај вакцинираните граѓани. Беа набавени 40 000 дози за бесплатно примање и 11900 за комерцијална употреба, по цена од 800 денари.
Според последниот извештај на ИЈЗ, вакцинирани се вкупно 48 295 граѓани со бесплатна или комерцијална вакцина против сезонски грип.
Сотир Трајков