Вести Македонија Топ вести

Лекарската комора бара национални протоколи околу коронавирусот за да не се шират дезинформации

Во земјава нема национални протоколи за лечење и спречување на ширење на Ковид-19. Ова го констатира Лекарската комора на Македонија, која без навлегување во детали околу непостоење на унифицирани протоколи, бара надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија да споделат со јавноста стручни ставови со цел да не се шират дезинформации кои можат да го загрозат здравјето на граѓаните.

„Непостоењето на вакви ставови создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави под контрола епидемијата“, се наведува во соопштението на Лекарската комора на Македонија.

Ваквиот став на Лекарската комора дека се потребни национални протоколи според д-р Драган Даниловски е нешто што требало да биде направено пред година и половина, кога започна пандемијата со коронавирусот. Тој за Телма вели дека во таков случај немало секој доктор од ракав да ординира антибиотици.

„Секој ќе имаше обврска да си го следи протоколот. Патем, во ниту еден протокол во други земји антибиотик не е предвиден за терапија – освен ако не се најде доказ за бактериска инфекција! Овде даваа сите, на сите нивоа на здрвствена заштита. Образложението најчесто беше “да не се спушти на плуќа”, значи превентивно. Такво нешто не постои во медицината (освен во хирургија и стоматологија)“, стои во изјавата на д-р Даниловски за Телма.

Дополнително, д-р Даниловски смета дека протоколите треба да ги предлагаат македонското лекарско здружение заедно со здруженијата на инфектолози и пулмолози, вклучително и епидемиолозите и микробиолозите.

Освен барањето за унифицирање на протоколите за лечење и спречување на ширење на коронавирусот, Лекарската комора ги предупреди и лекарите кои шират псевдонаука и невистини за ефектите од вакцинацијата и ефектот од почитување на мерките за заштита и опасноста од вирусот, дека во рамки на своите надлежности таа може да постапува по нив повикувајќи ја јавноста ваквите случи да и се пријавуваат.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Костовски реагира на обвинението за Еуростандард банка: Немав интерес банката да пропадне

Дејан Дејан

(Фотo+Видео) ДУИ по втор пат на протест во Тетово како знак на револт поради одлуката на Уставен за преименување на десетина улици

Tea Dimkovska

Груевски демантира дека становите на Водно некогаш биле негови – за Заев тврди дека тој не ги чувствува злоделата кои му ги нанел

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе