Во земјава нема национални протоколи за лечење и спречување на ширење на Ковид-19. Ова го констатира Лекарската комора на Македонија, која без навлегување во детали околу непостоење на унифицирани протоколи, бара надлежните институции, стручните комисии и лекарските здруженија да споделат со јавноста стручни ставови со цел да не се шират дезинформации кои можат да го загрозат здравјето на граѓаните.
„Непостоењето на вакви ставови создава простор за слободни толкувања од нерелевантни извори кои нанесуваат огромна штета на процесот на вакцинација, а со тоа и на напорите да се стави под контрола епидемијата“, се наведува во соопштението на Лекарската комора на Македонија.
Ваквиот став на Лекарската комора дека се потребни национални протоколи според д-р Драган Даниловски е нешто што требало да биде направено пред година и половина, кога започна пандемијата со коронавирусот. Тој за Телма вели дека во таков случај немало секој доктор од ракав да ординира антибиотици.
„Секој ќе имаше обврска да си го следи протоколот. Патем, во ниту еден протокол во други земји антибиотик не е предвиден за терапија – освен ако не се најде доказ за бактериска инфекција! Овде даваа сите, на сите нивоа на здрвствена заштита. Образложението најчесто беше “да не се спушти на плуќа”, значи превентивно. Такво нешто не постои во медицината (освен во хирургија и стоматологија)“, стои во изјавата на д-р Даниловски за Телма.
Дополнително, д-р Даниловски смета дека протоколите треба да ги предлагаат македонското лекарско здружение заедно со здруженијата на инфектолози и пулмолози, вклучително и епидемиолозите и микробиолозите.
Освен барањето за унифицирање на протоколите за лечење и спречување на ширење на коронавирусот, Лекарската комора ги предупреди и лекарите кои шират псевдонаука и невистини за ефектите од вакцинацијата и ефектот од почитување на мерките за заштита и опасноста од вирусот, дека во рамки на своите надлежности таа може да постапува по нив повикувајќи ја јавноста ваквите случи да и се пријавуваат.
Тамара Грнчароска
