По 30 дена притвор добија тројца раководители на „Комуналец“ од Гостивар, осомничени за загадување на водата за пиење. Вршителката на должност директорка Артана Асани, техничкиот раководител на сектор за технички работи, Леон Нуредини и раководителот на одделението за водовод Вадедин Дервиши претпладнево со лисици беа донесени пред судија на претходна постапка во Судот во Гостивар, а по неколку часа беа однесени во притвор во Шутка, откако вчера беа уапсени. Тие се сомничат за тешки дела против животната средина и природата, сериозно кривично дело за кое запретената казна е од четири до максимална, односно до 20 години затвор.
„Во предлогот ги има наведено причините поради кои го предлага притворот. Поради запретената казна која им се става на товар на осомничените, бидејќи се работи за кривично дело за кое е запретена кривична санкција од најмалку четири години, а доколку обвинетите би се пуштиле да се бранат од слобода, постои голема веројатност да се дадат во бегство и да влијаат на сведоците кои треба да бидат испитани во текот на истражната постапка. Судијата на претходна постапка Ќирко Михајловски го прифати предлогот на Јавното обвинителство и им определи притвор на осомничените од 30 дена“, изјави портпаролката на гостиварскиот суд, судијката Драгослава Веселинова.
Над 3.000 илјади граѓани на Гостивар побарале лекарска помош во изминатите 10-тина дена, жалејќи се на пролив, повраќање и високи температури. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја забрани водата за секаква употреба, беше прогласена епидемија, а Владата денеска прогласи вонредна состојба во Општина Гостивар.
Раководителите на „Комуналец“ се сомничат дека им наредиле на вработените поставување на три потопни пумпи во одводен канал со фекални бактерии во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата. Тие потоа ја пумпале отпадната вода внатре во комората поврзана со градскиот водовод.
По пријава на загрижени граѓани, полицијата излегла на терен на 16 јули годинава и во близина на гостиварското село Вруток утврдила дека има три потопни пумпи во одводниот канал кои ја впумпуваат отпадната вода внатре во преливната комора. Имало три пумпи, две биле во функција во тој момент. Направени се, по налог на Обвинителството, фотографии и видеоснимки за да покажат дека пумпите и тогаш на 16 јули работат и впумпуваат вода внатре во комората. Со вештачењето на Институтот за јавно здравје е утврдено дека водата во одводниот канал има 50 пати повеќе колиформни бактерии од дозволеното, а откриени се такви бактерии и внатре во преливната комора, иако според законот не смее да има воопшто, затоа што тоа е водата за пиење.
Пумпите сè уште стојат обезбедувани од полиција, но се исклучени. Биле поставени на 24 јуни, а вклучени за тестирање на 25 јуни, за што „Комуналец“ известува на Фејсбук. Обвинителството се сомнева дека биле вклучени од тогаш до 16 јули кога полицијата ги пронајде, но засега нема докази колку пумпи колку време биле вклучени. Првите лица кои со стомачни тегоби се јавуваат на лекар се на 13 јули, соопштија претходно надлежните.
Во Обвинителството велат дека ќе треба да се најде причинско-последична врска меѓу епидемијата и состојбата на водата, но тоа ќе се утврди по дополнителни тестирања и епидемиолошките анкети. Сепак, од тоа нема да зависи квалификацијата на кривичното дело.
По налог на обвинителството, ИЈЗ на 16 јуни ја тестирало водата на четири локации. На изворот била чиста, во одводниот канал имало колиформни, односно фекални бактерии 50 пати повеќе од дозволеното, такви бактерии биле пронајдени и во преливната комора, иако таму воопшто не смее да има, зашто тоа е водата за пиење. Била тестирана водата од чешма во центарот на градот, но таму немало бактерии, туку само хлор 2-3 пати повеќе од максимално дозволеното. На прашањето дали раководителите знаеле дека водата е загадена со бактерии и со засилено хлорирање се обидувале да го прикријат тоа, во Обвинителството рекоа дека засега нема докази за такво нешто.
Предмет на истрага ќе бидат и досегашните испитувања на квалитетот на водата во Гостивар. Дел од медиумите веќе објавија дека Центарот за јавно здравје Тетово на 29 јуни дал потврда дека водата е безбедна за пиење. Обвинителството ќе испитува какви проверки на водата се правени, за да утврди дали биле лажни или се работи за друг тип на испитувања.
Срѓан Стојанчов
