Судири избувнаа на маргините на протестите во Италија по смртта на маж роден во Мароко, кој починал додека двајца полицајци насилно го совладувале во северниот град Болоња.
Неколку илјади луѓе излегоа на улиците на овој град синоќа, под мотото –„правда за Абдерахим Факир “.
Подоцна, помала група демонстранти се одвоила од главниот протест и се судрила со полицијата. Обвинителството соопшти дека во немирите биле повредени 64 полицајци.
Премиерката Џорџа Мелони изјави дека е неопходно целосно да се утврди вистината околу смртта на Факир, но и додаде дека „ништо не може да го оправда насилството врз припадниците на органите за спроведување на законот“.
Полицијата била повикана во неделата наутро откако сосед пријавил дека Факир „се однесувал невообичаено“ и удирал по гаражни врати во населбата Пиластро. Полицајците најпрво се обиделе да ја смират ситуацијата, а потоа употребиле спреј против него.
Видео кое се шири во италијанските медиуми прикажува двајца полицајци како седат врз Факир, додека тој лежи свртен со лицето кон земјата и ги моли да престанат. Трето лице, кое не е полицаец, му ги држи нозете, додека екипа на итната медицинска помош стои во близина.
Околу две минути по почетокот на видеото, Факир престанува да се спротивставува. Полицајците му ги врзуваат рацете и нозете, а кога еден од нив забележува дека повеќе не се движи, двапати го удира по образот.
Обвинителството во Болоња отвори истрага за сомнение за убиство од небрежност против полицајците и медицинските работници кои биле присутни на местото на настанот.
Неколку очевидци за италијанските медиуми изјавиле дека, иако Факир очигледно бил во тешка состојба, не претставувал закана за никого и бил јасно невооружен.
„Не смее да се умре на ваков начин“, изјавила неговата сестра Хадиџа за италијанските медиуми. „Безмилосно го убија и сакам да ја дознаам вистината“ – додаде таа.
