39-годишен државјанин на Босна и Херцеговина ноќеска ја убил својата 36-годишна партнерка во областа Вухред. Полицијата интензивно трага по него.
Мажот е опасен, предупредува Полициската управа во Целје.
Сторителот побегнал од местото на настанот пеш. Полицијата била известена за инцидентот нешто пред еден часот по полноќ. Од моментот на пријавувањето на убиството, интензивно се трага по сторителот.
-Осомничениот по кого трагаме е висок околу два метра. Кога го напуштил местото на настанот, носел фармерки, црна маица со кратки ракави и црни чевли, соопштија од Полициската управа во Целје, на кои им помагаат колеги од други полициски станици, криминалистички инспектори од Одделот за криминалистичка полиција и водичи на службени кучиња.
-Користиме и дрон кој ни помага во потрагата. Покрај другите, во потрагата ќе бидат вклучени и коњичка единица и хеликоптерски тим, пишува словенечкиот портал 24ur.com.
Се претпоставува дека убиецот сака да стигне до австриската граница.
