Вести Македонија Најважни

Здравствените власти не кажуваат што покажале анализите на водата во Гостивар – за микробиологот Пановски изговорите се небулозни

Статистика за број на заболени, информации што презеле здравствените власти, хронологија на настанатите, колку вода ќе им биде доставена на граѓаните на Гостивар… Здравствените власти соопштија многу информации во врска со епидемијата во Гостивар, но не и клучното – што покажаа анализите на водата од градскиот водовод.

Велат дека во текот на денот, резултатите ќе бидат предадени во Обвинителството, а за повеќе информации упатуваат таму. Обвинителката Елизабета Јосифовска од Гостивар најави дека ќе ги објават кога ќе ги добијат, но сè уште не ги добиле. Во јавноста веќе се проширија неофицијални информации дека биле пронајдени фекални бактерии во водата за пиење.

Сомнежот е дека гостиварци се заразиле од водата од водоводот, која сега е целосно забранета за користење, откако полицијата пронајде 3 пумпи во канал за отпадни води за кои постои сомнеж дека ја пумпале таа вода во градскиот водовод.

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека околу 3100 граѓани во Гостивар досега побарале лекарска помош, а тројца возрасни и едно дете се хоспитализирани во болницата во Гостивар. Бројот на дневно пријавен број на заболени од вчера почнал да се намалува. Сè уште не се утврдени причините од што заболеле луѓето, а Клековски вели дека се лекуваат симптоматски.

„Во првиот момент кога ќе дозволи Јавното обвинителство да ги соопштиме резултатите, ќе ги соопштиме. Јас сум тука веднаш да ги дадам сите неопходни податоци“, вели Сашо Клековски, министер за здравство.

Директорката на ИЈЗ Марија Андоновска не одговори ниту на прашањето дали клиничката слика на заболените кореспондира со резултатите од анализите за да не се загрози истрагата. На новинарско прашање дали фекални бактерии може да предизвикаат такви симптоми, таа одговори потврдно.

„Доколку, хипотетички зборуваме, во една вода се најдат фекални бактерии, т.е. колиформни бактерии и таа вода се утврди дека е конзумирана од страна на одредени лица, може да се јави симптоматологија од ваков тип како што имаат, но тоа е една широка лепеза на клиничка слика. Да, со присуство на колиформни бактерии, може да се јават вакви стомачни проблеми како што имаат сега граѓаните на Гостивар“,  рече  Марија Андоновска, директорка на Институт за јавно здравје

Микробиологот, професор Никола Пановски вели дека не може истрагата да биде поважна од здравјето на пациентите и изговор за да не се соопштат резултатите.

„Ваква работа не сум чул ниту во светот, иако сме чуле многу глупости, особено за време на ковидот и од страна на највисоките здравствени власти, но ваква небулоза не сум чул. Како прво, што ако Обвинителството не побараше лабораториски резултати. Што правеа службите, што прави Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје. Водата во Гостивар, град со 30-40 илјади луѓе, најмалку еднаш дневно се испитува, без да каже Обвинителството“, вели Никола Пановски, универзитетски професор.

Тој вели дека за резултатите од анализите веднаш мора да бидат известени лекарите во Гостивар кои се грижат за пациентите за да знаат со што се соочуваат и од што да ги лекуваат.

Срѓан Стојанчев

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Левица: Додека од чешмите во Гостивар течел отров, институциите спиеле

Kristina Kuzmanovski

Возел со 4,35 промили алкохол во крвта, полицијата го фати во Кочани

Kristina Kuzmanovski

Нови 50 проценти царини воведе САД за канадските производи

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе