Вести Македонија Топ вести

„Добредојде“ со грешки: Отстранет билбордот на влезот во Скопје

Добредојде во Скопје со ниту едно веродостојно прикажано скопско обележје. Гостите, туристите и патниците од другите градови цел еден ден беа пречекувани со нов билборд на влезот на градот, за кој градските власти сега тврдат дека проверуваат кој прогледувал низ прсти.

Букефал со пет нозе, Камениот мост невообичаено долг, Скопското кале непрепознатливо и како замок од некоја друга земја, а Водно слично како во реалноста, но само вметнато во единствениот празен простор на сликата. Обележјето беше поставено во петокот и градоначалникот на Град Скопје се пофали за истото на социјалните мрежи.

Но, веќе во недела е отстрането, по силните критики од јавноста.

Ѓорѓиевски информира дека вкупната вредност за изработка и производство на обележјето е 48 илјади денари

„Во финалното дизајнерско решение е направен пропуст од страна на дизајнерот, кој го привлече вниманието на јавноста. Веднаш по утврдувањето на грешката е наложена нејзина корекција. Ќе биде проверена и целокупната постапка на контрола и одобрување на финалното решение. Доколку се утврдат дополнителни пропусти, одговорност ќе сносат лицата што биле задолжени за соодветните фази од постапката, согласно нивните надлежности и важечките процедури“ – тврди градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Од Левица велат – Скопје ја носи титулата Европска престолнина на културата, со билборд на кој ништо не е скопско, историски веродостојно, архитектонски препознатливо и возможно.

Град Скопје вината ја лоцира кај дизајнерот, но опозицијата не штеди на критики за градските власти. Срам за Скопје, велат од СДСМ.

„Познато е дека токму ВМРО, преку проектот „Скопје 2014“, го обезличи градот со стотици споменици, фасади од стиропор и лавови кои немаа никаква историска или естетска вредност. Сега, наместо вистинско уредување и инвестиции, добиваме уште една кампања со генерирани слики со вештачка интелигенција. Наместо реални резултати, ВМРО-ОКГ и Орце постојано прават кампањи. Сè е кампања, а резултати нема“– реагираат од СДСМ.

Од Град Скопје велат дека веќе се работи на корекција на обележјето. Замената ќе биде без дополнителен надомест и целосно на трошок на изработувачот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Градоначалникот на Гостивар ја суспендира директорката на „Комуналец“, тој лично не чувствува одговорност за епидемијата

Sasko Dimovski

Мицкоски за состојбата со водата за пиење во Гостивар: Oд градоначалникот, па надолу, сите треба да понесат одговорност

Sasko Dimovski

Сè уште ги чекаме резултатите за водата, штом ги добиеме, ќе ги објавиме, изјави обвинителката Јосифоска за Телма

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе