Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ги презентира постигнатите резултати во образовниот сектор, нагласувајќи дека по седум години завршено е времето на хаос во образованието и неизвесноста на наставниците и учениците. Според партијата, образованието се враќа во фокусот на државните приоритети преку инвестиции и зголемување на платите на наставниот кадар.
Од партијата посочуваат дека за разлика од претходното владеење на СДСМ, кога учебните години започнувале без печатени материјали, денес над еден милион примероци учебници се на училишните клупи. Дополнително, велат дека истите се набавени по пониски цени и во изминатите две години се заштедени околу 45 милиони денари.
„Втора година по ред, учебниците за сите одделенија ги дочекаа учениците уште на првиот училиштен ден и за првпат по седум години, учениците повторно добија учебници по странски јазици“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на стандардот на просветните работници, од партијата нагласуваат дека е ставен крај на практиката на покачување плати исклучиво пред избори.
„Со потпишаната спогодба со СОНК, во зависност од инфлацијата, обезбедено е гарантирано зголемување на платите во следните четири години од 40 до 60 проценти, со што само во првите две години платите на сите вработени во образованието се зголемија за повеќе од 20 отсто“,
стои во партиското соопштение.
Како дел од модернизацијата, се наведува дека над 160 училишта се опремени со современа ИТ опрема, воведени се нов електронски дневник и електронски свидетелства, а над 1 000 наставници поминале обука за етичка примена на вештачката интелигенција во наставата.
Се додава и дека само во првата година од мандатот се инвестирани над 70 милиони евра во изградба и реконструкција на училишта и спортски сали. Истовремено, бројот на образовни асистенти во основното образование е зголемен од 800 на 1 350, а за првпат се воведени и 150 асистенти во средното образование.
