Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
Од АXВ велат дека со вонредниот инспекциски надзор утврдено е дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение поставена е пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем.
И од СВР Тетово ги потврдуваат сомневањата за загадување на водата.
„Постојат основи на сомневање дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои се вбризгувала вода директно во главниот цевковод што го напојува градот.
Оваа активност најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните на Гостивар. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик“, соопштија од СВР Тетово.
Околу 1200 пациенти со симптоми на дијареа, болки во желудникот, температура и омалаксаност изминатите 3 до 4 дена побараа лекарска помош во ЈЗУ Општа Болница ‘’Д-р Ферид Мурад’’ во Гостивар. Од болницата наведуваат дека епидемијата се шири низ Гостивар но причината сеуште се утврдува.
На сите пациенти им е дадена медицинска помош однсоно соодветна терапија. Ова известување го испраќаме поради тоа што овој број на пациенти е надвор од редовните бројки на пациентите во нашата установа“, пишува во известувањето од ЈЗУ Општа Болница”Д-р Ферид Мурад” Гостивар.
Сомневањата дека загадената вода е причина за зголемениоит број на зболни го истражува и Основното јавно обвинителство во Гостивар .
Јавниот обвинител Ненад Савески денеска потврди дека на подрачјето на Основното јавно обвинителство Гостивар се спроведуваат проверки но напомена да не се избрзува со правната квалификација.
Тој нагласи дека надлежниот јавен обвинител денеска постапува по случајот и прибира информации од релевантните институции, поради што, како што наведе, е рано да се дава правна квалификација на настанот.
-Да не избрзувам со правна квалификација околу тоа. Дејствијата се преземаат токму денес. Очекувам и јас информации од страна на надлежниот јавен обвинител, така што не би било благодарно сега од ова место да одредувам правна квалификација наместо надлежниот обвинител- изјави Савески.
На новинарско прашање дали, со оглед на тоа што станува збор за можност од нарушување на јавното здравје, ќе биде побарана одговорност доколку се утврдат неправилности, јавниот обвинител посочи дека најнапред треба да се утврди дали постојат основи за кривично дело.

