Нема контаминација во трагите на ДНК на обвинетиот апелационен судија Ѓоко Ристов пронајдени на алуминиумските фолии во кои биле завиткани 350.000 евра и соѕидани во куќа на неговите родители во Неготино. Ова на денешното рочиште го сведочеше вештакот од МВР кој ги пронашол отпечатоците на Ристов на дадените алуминиумски фолии за вештачење.
„Немаме контаминација во трагите, туку добиениот ДНК профил потекнува од лицето кое ни е доставено за ДНК анализа во случајот Ѓоко Ристов“, посочи Ана Лалевска, вештак во МВР.
За обвинителката Искра Хаџи Василева тоа било јасно од самиот почеток на судењето, иако одбраната го спори овој доказ.
„Нема никаква научна, стручна, логична поткрепа. Тоа е видно и од доказот даден во писмена форма од доказите, а некако самото повикување на вештаците по наша оцена беше беспредметно, бидејќи од нив не добивме никакви нови факти“, изјави обвинителката Искра Хаџи-Василева.
Одбраната на Ристов повтори дека алуминиумските фолии не се чувани и обработени, согласно процедурите.
„Вештакот може да каже дека не е компромитирано, ама во својот исказ кажа дека не знае каде е чувано, сведоци сте. Не знае како е транспортирано и не знае начинот на кој е земен брисот. Тој работел само на брисот“, истакна Звонко Давидовиќ, адвокат на обвинетиот судија, Ѓоко Ристов.
Се изведуваа и комуникации на обвинети лица во други предмети со кои обвинителството сакаше да покаже дека, иако нема докази дека обвинетиот Ристов примал мито, имал таква намера. Особено беше интересен снимениот разговор преку ПИ-мерки на Александар Велјановски од Неготино со Ристов, кој го прашува дали земал мито.
Ова е по апсењето на Фехми Стафа, кој е осуден дека примил мито од 50.000 евра, да посредува кај апелационен судија за притворот на Љупчо Пецов Ѓаволот, осомничен во случајот „Синџир“. Ристов негира и коментира дека и милиони за Љупчо Пецов Ѓаволот да нудат не пие вода тоа, не бива.
Обвинителката Хаџи Василева смета дека тоа е поради фактот што Ристов веќе знаел дека е под истрага.
„Ние низ таа снимка сакаме да покажеме, бидејќи како велат „ѓаволот лежи во деталите“, има полно други детали во снимката, односно кои го сликаат токму ова коруптивно поведение“, додаде обвинителката Хаџи-Василева.
За обраната, пак, разговорот ја покажал невиноста на Ристов.
„Обвинителството до денешен ден не обезбеди ниту еден доказ за било каков коруптивен предмет, каде што се земени пари“, одговори Давидовиќ
Ристов се гони за прикривање на имот и перење на пари. Нареднот рочиште е закажано за 1 септември.
Марија Митевска
