Вести Свет Топ вести

Цената на нафтата бележи нов скок поради нападите меѓу Иран и САД кои не запираат

Растат тензиите околу Ормускиот теснец откако Исламската револуционерна гарда соопшти дека нападнала два танкери кои пловеле под знамето на Обединетите Арапски Емирати, но и американски воени бази во Бахреин и Јордан. Претходно американската Централна команда соопшти дека во текот на ноќта извршила десетици воздушни напади врз цели на Револуционерната гарда и иранската морнарица со цел да ги ограничи способностите на Иранците повторно целосно да го затворат теснецот.

„Во согласност со нашите претходни предупредувања, под никакви услови не дозволуваме, и нема да дозволиме САД да се мешаат во управувањето на Ормускиот теснец“, посочи Ебрахим Золфагари, портпарол на Генералштабот на Револуционерната Гарда.

Токму овој витален морски премин е во сржта на причината за обновување на нападите меѓу Соединетите држави и Иран во регионот. И двете страни тврдат дека минатиот викенд биле блиску до договор за функционирањето на поморскиот транспорт низ теснецот, но меѓусебно се обвинуваат зошто не бил постигнат договорот. Американскиот претседател Доналд Трамп гневен поради бавното темпо на преговорите соопшти дека блокадата на иранските пристаништа се враќа во сила.

„Го контролираме теснецот, повторно ја воспоставуваме блокадата, и таа не се однесува на сите, туку само на Иран. Со други зборови, за сите кои соработуваат со Иран. Сите останати ќе може да поминат, значи тоа е многу цврста блокада. Блокадата можеби беше поефикасна од нападите, но мислам дека комбинацијата од двете е најдобриот начин“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Меѓутоа Трамп не застана само на блокадата. Најави дека Соединетите држави ќе ја преземат целосната контрола врз теснецот и ќе наплаќаат 20 проценти такса за неговото користење, пред да побара и покривање на трошоците за американските операции во теснецот од страна на заливските земји.

„Да, сакам да ни бидат покриени трошоците бидејќи ние заштитуваме еден многу богат дел од светот. Трошиме пари, и поради тоа ќе побараме да ни ги покријат трошоците“, додаде 
Доналд Трамп, претседател на САД.

И додека постапките и на Вашингтон и на Техеран ја продлабочуваат кризата во регионот, нејзините економски ефекти се прошируваат низ остатокот од светот. Цената на нафтата забележа нов скок додека берзите нервозно реагираа на најновата ескалација.

Игор Трајков

Дигитална обработка: Т.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Онлајн трансакциите достигнаа речиси 266 милиони евра во првиот квартал од 2026 година

Дејан Дејан

Кривична пријава за даночно затајување за производител на кабли

Дејан Дејан

(видео)Манасиевски: Политичкиот театар на СДС, Левица и ДУИ не поминува

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе