Дрското бегство преку прозорецот од кочанската Полициска станица на осомничениот наркодилер Александар Лазаров Цуна, а по кој вчера Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница веќе неколку дена е тема на партиските прес-конференции. Опозициската СДСМ денеска побара оставка од ресорниот министер Тошковски.
Левица пак осомничениот наркодилер Лазаров познат како Цуна го поврзува со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
„Ако човек чие име се споменува во судската постапка за „Пулс“ како добро познат наркодилер кој со години продавал дрога во клубот, може да избега од полициска станица, тогаш Панче Тошковски има само две можни објаснувања. Или МВР е целосно нефункционално или криминалната мрежа што со години го штитеше „Пулс“ сè уште има свои луѓе во системот. Трета опција нема“, велат од Левица.
Локални шерифи нема да постојат. Никој кој свесно или несовесно дозволил нарушување на законот и службените процедури нема да биде поштеден од одговорност, ова вчера попладнето директно им го кажал директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев на полициските службеници во Кочани.
„Сакам јасно да порачам: ова е недозволиво. Доколку се утврди намерно постапување, помагање, прикривање или несовесно извршување на службените задачи, ќе има одговорност. Внатрешната контрола, со поддршка на колегите од неколку централни оддели во БЈБ, веќе постапува и ги проверува сите околности и инволвирани лица. Секој кај кого ќе се утврди пропуст или вина ќе биде соодветно санкциониран. Очекувам целосна професионалност и непристрасност во целиот процес“, изјави Александар Јанев директор на БЈБ.
Јанев оценува дека и граѓаните и тој се разочарани од несовесното и неодговорното работење, а бегствотото од полициската станица на лице познато на службите го оценува како сериозен инцидент. Инаку, осомничениот наркодилер Лазаров минатиот петок си го отворил прозорецот и си заминал од полициската станица во Кочани.
Викторија Димитрова Јованова
