Продолжи судењето за апелациониот судија Ѓоко Ристов кој е обвинет за прикривање имот и перење пари.
На денешното рочиште прво сведочеше вештак од МВР којшто јасно кажа дека немало контаминација при утврдувањето на ДНК на апелациониот судија Ѓоко Ристов, односно на оние алуминиумски фолии каде што беа завиткани 350 илјади евра пронајдени во домот на неговите родители во Неготино.
Со тоа практично се негираа тврдењата на одбраната на судијата дека додека се прибирале материјалните докази, на вештаците им била скината ракавицата и со тоа е контаминиран доказот, односно ДНК-та на Ѓоко Ристов.
Потоа следеше и изведување на материјални докази, односно електронска комуникација којашто била набавена од одземен телефон на еден обвинет во друг случај, односно на група обвинета за проституција и дилање дрога.
Се читаше нивна комуникација со Гани Туша, обвинет исто така во случајот „Беланоца“, којшто е припадник и член на „Беланоца“, за одредени притвори за кои одлучува Апелациониот суд.
Судијката даде пауза, па потоа ќе се продолжи повторно со изведување на докази коишто практично покажуваат дека овие обвинети лица со лица однадвор договараат притвори и гаранции со апелациони судии. Секако, екипата на Телма ќе остане тука да го следи процесот и понатаму.
За Вестите на Телма во 12:30 од судот се јави Марија Митевска
