Полнењето резервоар од полноќ ќе чини повеќе. Регулаторна одлучи – поскапуваат горивата. Значително зголемување на цената ќе има кај дизелот од 5,5 денари и од полноќ литар ќе чини 88 денари. Поскапуваат и бензините – за денар и половина, па така 95 ќе се точи по цена од 87 денари за литар, а 98 цата за 89 денари за литар.
Во соопштението од Регулаторната комисија за енергетика стои дека цените на нафтените деривати на светските берзи во споредба со претходниот период бележат зголемување и тоа кај бензините во просек за 3, 4 отсто, а кај дизелот за нешто над 11 проценти.
Имајќи ги предвид влијанијата на елементи во формирањето на цените на нафтените деривати согласно Методологијата, малопродажните цени на нафтените деривати, се зголемуваат во просек за 3,59%. пишува во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика
И минатата недела имаше нагорна корекција на цените на горивата. Сето ова го отвора прашањето дали повторно се вжештува ситуацијата меѓу САД и Иран и дали тоа ќе повлече ново продолжување на кризната состојба на пазарот со нафта и нафтени деривати, која пак истекува за една недела, односно на 20 јули. Од Владата пак во одговор за Телма тврдат дека состојбата се следи.
Во овој момент сѐ уште е активна одлуката донесена до 20 јули, но доколку околностите го наложат тоа, Владата ќе ги разгледува сите можности и мерки кои ни стојат на располагање, вклучително и можноста за нејзино продолжување, велат за Телма од Владата
Мерките кои беа воведени поради ситуацијата со цената на горивата, намалената акциза и ДДВ, во моментов не се на сила. Повеќе не важи ниту попустот од ОКТА кој неколку пати се пролонгираше.
Обновувањето на нападите меѓу САД и Иран, повторно предизвикаа загриженост за испораката на горива преку Ормускиот теснец.
Цената на нафтата пак на светските берзи со нов скок, достигна до скоро 79 долари за барел. По ова полека спласнуваат надежите дека состојбата ќе се стабилизира откако минатиот месец се потпиша договор кои се очекуваше да стави крај на воениот конфликт.
Ирена Чачкова
