Папата Лав XIV упати апел за прекин на конфликтите и враќање на дипломатските преговори на низ целиот свет каде тоа е потребно. Обраќајќи им се на илјадниците верници собрани на плоштадот пред папската резиденција, Лав XIV истакна дека „ветровите на војната повторно дуваат“, носејќи насилство, терор и смрт и погодувајќи голем број невини луѓе.
„За жал, ветровите на војната повторно дуваат на Блискиот Исток, во Украина и во многу други делови од светот, сеејќи насилство, терор и смрт и повторно погодувајќи толку многу невини луѓе. Да не дозволиме овие настани да го изгаснат пламенот на надежта и мирот, дури и кога изгледа кревок и нестабилен. Ја обновувам мојата надеж дека патот на дијалогот, средбата и дипломатијата ќе се следи со упорност, единствениот пат способен да доведе до праведен и траен мир, во кој народите можат да живеат во помирување, во меѓусебна безбедност и со почитување на достоинството на секој човек“, порача поглаварот на Римокатоличката црква.
На почетокот од обраќањето, папата ги поздрави присутните заблагодарувајќи им за топлото добредојде. Лав XIV остатокот од јули го поминува во историската папска летна резиденција Кастел Гандолфо, јужно од Рим. За разлика од неговиот претходник, папата Франциск, кој за време на својот понтификат не престојуваше во ова одморалиште и Апостолската палата ја претвори во музеј, Лав XIV повторно ја користи резиденцијата како место за работа и одмор.
Поради неговиот подолг престој таму, Ватикан одлучи дел од административните активности на Светата столица привремено да се извршуваат од Кастел Гандолфо, со цел непречено функционирање на папската служба.
