Најмалку 12 лица загинаа, осум се повредени, а 23 се водат како исчезнати во разорен шумски пожар што зафати оддалечена населба во јужна Шпанија, во која живеат голем број странски државјани.
Пожарникарите и припадниците на шпанската воена единица за вонредни состојби продолжуваат да се борат со огнената стихија, која избувна доцна во четвртокот во полусушна област во близина на планините Сиера де Лос Филабрес, во провинцијата Алмерија.
Регионалниот претседател на Андалузија, Хуан Мануел Морено, соопшти дека осум лица се повредени, додека 23 сè уште се водат како исчезнати.
Според шефот на службите за итни случаи во Андалузија, Антонио Санс, повеќето од жртвите ги загубиле животите откако не ги почитувале упатствата да останат засолнети и се обиделе да избегаат од пламените јазици со автомобили или пеш.
Дел од жителите се обиделе да се спасат движејќи се по пресушено речно корито, кое, според Санс, се претворило во „смртоносна стапица“.
Се претпоставува дека четири од жртвите се британски државјани, бидејќи во нивниот изгорен автомобил управувачот бил поставен на десната страна, како кај британските возила. Властите веруваат дека меѓу загинатите има и државјани на други земји, а предупредуваат дека бројот на жртвите би можел да се зголеми.
Седум лица загинале пеш, откако ги напуштиле своите автомобили во обид да се спасат. Според првичните информации, најголем дел од загинатите се странски државјани.
Пожарот и во петокот попладне сè уште бил активен. Околу 150 пожарникари и 220 припадници на шпанската воена единица за вонредни состојби се вклучени во гаснењето. Огнената стихија досега зафатила повеќе од 3.200 хектари шуми и земјоделско земјиште.
Шпанија во последните години сè почесто се соочува со силни и долготрајни топлотни бранови, при што температурите неретко надминуваат 40 Целзиусови степени. Силниот ветер, високите температури и недостигот од врнежи придонесуваат малите пожари брзо да прераснат во неконтролирани огнени стихии.
Во јуни земјата беше погодена од неколкудневни рекордни горештини, а повеќе од 1.000 случаи на прекумерна смртност се поврзуваат со високите температури.
Според Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската Унија, Европа е континентот што најбрзо се затоплува во светот, со температури кои од 1980-тите растат двојно побрзо од глобалниот просек. Делови од Западна Европа во моментов се соочуваат со трет топлотен бран во период од шест недели.
