Обдукција но и повеќе други мерки кои ќе ги презмат полицијата и Обвинителството треба да дадат одговор на прашањето како заврши животот на 14 годишно девојче во гостиварскиот парк вчера после 20 часот. Од Медицинскиот центар Гостивар ја известиле полиција дека е донесено дете без знаци на живот, по што е почната истрагата на двете институции.
„Вчера во 20.20 часот од Ургентен Ценатр Гостивар во СВР Тетово пријавиле дека кај нив било примено без знаци на живот 14 годишно девојче. Веднаш полициските службеници од Гостивар постапиле по пријавата и констатирано е дека се работи за 14 годишно девојче од Кавадарци кое привремено престојувалo во Гостивар и кое додека се лулало, според тоа што го рекле тие што го донеле во Ургентиот центар, паднало и им подлегнало на повредите“, рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Полицијата веднаш го известила Обвинителството, а дежурниот Обвинител дошол во паркот за да направи увид. Обвинителот одлучил дека треба да се извршаат повеќе постапки со цел да се откријат деталите за настанот и смртта на детето.
Дадена е наредба за обдукција, како и насоки да се преземат повеќе дејствија за испитување на евентуални сведоци и проверки по однос на статусот, безбедноста и одржувањето на реквизитите поставени на игралиштето.
Додека не бидат познати резултатите од обдукцијата и другите истражните дејствија, институциите велат дека е прерано да се истакнат причините што доведоа до трагичната смрт на 14-годишното девојче.
Александар Самарџиев
