Телефони биле пронајдени кај затвореници во КПУ Затвор Скопје откако беше спроведена акција на припадници на интервентната единица, а ќе се утврдува дали оправдано била употребена прекумерна сила. Во медиуми се појавија слики од повредени затвореници и видеа од ќелиите по претресот. Директорот на затворот, Бобан Утковски потврди дека за време на спроведување на акцијата, евидентирани се одредени ситуации во кои била употребена физичка сила врз дел од штитениците, а кај некои од нив се констатирани видливи траги од црвенило.
„Како институција не би сакале да носиме предвремени заклучоци. Во овој момент не би било ниту професионално ниту одговорно однапред да се квалификува дали станува збор за прекумерна употреба на сила или за постапување во рамките на законските овластувања. Сите околности ќе бидат темелно и непристрасно утврдени преку законски предвидените постапки. Доколку се констатира дека било постапено спротивно на законските овластувања ќе биде преземена соодветна одговорност“, рече Бобан Утковски, директор на КПУ Затвор Скопје
Народниот правобранител Фатон Сељами заедно со тимот од Механизмот за граѓанска контрола веќе остварил средба со директорот Утковски и неговиот заменик за да утврди дали имало незаконска употреба на сила.
„Воедно, Народниот правобранител ги посети и разговараше со дел од затворениците кои беа предмет на претресот. Притоа, акцентот при посетата беше ставен на начинот на кој постапувале припадниците на оваа единица, односно дали при вршењето на претресот биле испочитувани процедурите и стандардите утврдени со актите по кои истата работи, а во насока на утврдување дали имало или не, пречекорување на службените овластувања, односно дали била употребена прекумерна сила“, соопштија од Народниот правобранител
Оттаму велат дека ќе ја известат јавноста кога ќе ги имаат сите факти за случајот и кои дејствија би се преземале во иднина. Единицата за интервенции е под водство на Управата за извршување на санкции.
Марија Митевска
