Поднесено обвинение против четири лица кои стојат зад пропаста на „Еуростандард банка“ и штета од над 27 милиони евра на сметка на доверителите. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги гони Трифун Костовски, неговиот син Коста Костовски, Николчо Петковски и Зоран Николовски за предизвикување на стечај и за несовесно работење во службата.
Петковски е првообвинет и тој како претседател на Управниот одбор и член на Кредитниот одбор, заедно со второобвинетиот Коста Костовски кој е претседател на Кредитниот одбор и третообвинетиот Зоран Николовски како претседател на Одборот за управување со ризици и член на Управниот одбор, во периодот од 2013 до втората половина на 2019 година, постапувале спротивно на одредбите од Законот за банките и интерните акти на банката.
„Со одобрување кредити на кредитно неспособни и поврзани правни лица, без соодветни анализи и обезбедување, со прикривање на реалната финансиска состојба и ризиците, како и со неточно известување до Народната банка, придонеле за значително влошување на финансиската состојба на Еуростандард Банка АД Скопје. Со ваквото постапување придонеле банката да биде доведена во стечај, а доверителите да бидат оштетени во износ од 1.662.417.664 денари“ соопштија од Обвинителството за гонење на организиран криминал.
Трифун Костовски кој е претседател на Надзорниот одбор е четврто обвинет а Обвинителството го товари за несовесно работење.
„Со тоа овозможил одобрување на нефункционални кредити, преземање прекумерни кредитни ризици, неточно прикажување на финансиската состојба на банката и непочитување на законските и интерните процедури при кредитирањето, со што придонел за создавање видлива несолвентност, намалување на сопствените средства на банката и нејзино доведување во стечај по сила на закон“, велат од Обвинителството.
Во 2020 година, Народната Банка ја одзеде дозволата за работа на „Еуростандард банка“ поради неконтролирано кредитирање и големо издвојување на резервации за кредити кои не се враќале навреме. Трифун Костовски тогаш обвини дека сценариото за затворање на банката било смислено, во Собранието имаше надзорна расправа каде пред пратениците одговараше гувернерката Анита Бежовска, а присутните пратениците меѓусебно се обвинуваа дека лица блиски до експремиерот Заев и сегашниот Мицскоски добивале кредити без покритие.
За Еуростандард се води и предистрага поради сомнежи за перење на пари кои биле уплаќани од Венецуела преку фирми отворени во Скопје и пренасочувани кон Русија и Белорусија. Еден од обвинетите дури патувал во Венецуела со која во 2019-та владееше Николас Мадуро за да обезбеди пари за ликвидност на Еуростандард. Наредната година, банката остана без лиценца.
Трифун Костовски во телефонски разговор за Телма кратко рече дека кога ќе го види обвинението тогаш ќе даде свој коментар.
Огнен Чанчаревиќ
