Вести Македонија

Распределбата на парите за изборни реклами засега останува по истата формула

Распределбата на парите за изборни реклами останува под знак прашалник. Уставниот суд нема мнозинство при гласањето, за да се прифати иницијативата на Левица и Демократи. Ќе се гласа на некоја од наредните седници. Судиите денеска го разгледуваа предметот за оценување на уставноста на делови од изборното законодавство.

Од партиите оспоруваат неколку одредби од Изборниот законик, кои се однесуваат на распределбата на медиумскиот простор и средствата за политичко рекламирање. Но, од Уставен соопштија дека во моментов нема мнозинство од пет гласа „за“ и покрај присуството на седум судии, што значи дека предметот останува отворен. Сепак, од судот не прецизираа колку од судиите ја поддржуваат иницијативата.

Во текот на расправата, судијата Кадриу даде предлог да се поведе постапка по однос на иницијативите.

  • „Оваа дискриминација се забележува посебно во нееднаквиот пристап и во можностите во изборните процеси на сите политички партии. Им се ускратуваат можностите, а со тоа и шансите да се натпреваруваат. Немам никаква дилема и не се појавува никаква резерва кај мене и во моето мислење, во конкретниот случај и по повод овие иницијативи да се поведе постапка“, кажа Осман Кадриу, уставен судија. 

На седницата на судот спротивставени ставови – делот од судиите предупредуваат на можен правен вакуум, а други велат дека нема место за политика при одлучувањето.

  • „Во услови кога тешко се постигнува консензус за измени и дополнувања на Изборниот законик, со евентуалното потенцијално наше носење на одлука за поведување постапка, а подоцна и за укинување на тие решенија, де факто, да не речам и де јуре, ние ќе оставиме простор којшто нема да биде регулиран“, рече Татјана Васиќ – Бозаџиева, уставен судија. 
  • „Навистина сум алергична кога во Уставен суд на седница се зборува воопшто за политика и кога се спомнува какви се состојбите. Цениме уставност и законитост, а не каква е политичката реалност“, рече Добрила Кацарска, уставен судија. 

Од Левица предупредуваат дека евентуалното отфрлање на иницијативата би значело легализирање на нерамноправните услови за учество на изборите, но и опасен преседан.

„Левица не бара финансии. Левица бараше и бара рамноправен пристап до медиумскиот простор, до рекламирањето на телевизиите, порталите и билбордите. Тоа не е грев, туку треба да се запрашаме зошто имаме власт која пробува својот авторитаризам да го наметне како норма. Веќе имавме преседан на минатите избори.

Ако денес го потврдиме тој преседан, тоа значи дека секоја идна партија што ќе сака да им ги помати сметките на партиите на олигархијата ќе може да добие ваков третман. На сите тоа треба да нѝ е во ред?!“, изјави Амар Мециновиќ, пратеник од Левица. 

Додека и во Собранието и во Уставниот суд се дебатира за Изборниот законик и државното финансирање, Антикорупциската комисија во новата Национална стратегија предлага целосно укинување на изборно финансирање од буџетот до првата половина на 2028 година поради тоа што тој сегмент не е доволно законски уреден и нема никаква контрола.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Непознат багерист урна дел од куќа во Штип во која спиеле двајца браќа – тие тврдат дека куќата е на нивните родители

Дејан Дејан

Фостер од први август ќе се зема без доплата

Дејан Дејан

Во Предлог- ребалансот на буџетот недостигаат 6 милијарди денари за социјални услуги на лицата со попреченост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе