Жетвата е на прагот, а земјоделците се уште не знаат по која цена ќе се откупува пченицата. Тие очекуваат откупната цена да се движи од 15 до 18 денари за килограм, навремена исплата на субвенциите и државна интервенција доколку лебното жито се продава под производтстевните трошоци. Бараат организиран откуп на домашното производство и ограничување на увозот на пченица и брашно за време на жетвата.
На помалку од еден месец пред почетокот на жетвата, се уште не е утврдена откупната цена на пченицата. Земјоделците бараат лебното жито да не се откупува под 15 денари за килограм, а доколку цената биде пониска од производните трошоци, државата да ја надомести разликата.
- Ќе бараме откупната цена на пченицата да се движи од 15 до 18 денари за килограм, со исплатени субвенции, а дел за време на сеидбата авансно да се исплатат. Тогаш со субвенцијата од околу пет денари по килограм земјоделците би добивале вкупно 22 до 23 денари. Со таква цена би биле задоволни, но најважно е субвенциите да се исплаќаат навреме, вели Миле Ќебакоски од Здружението на фармери „Југозапад“.
- 15 до 20 години ценатат на житото е иста, 10 до 12 денари, со кавги со расправи се бориме за некој денар повеќе, вели Тони Петковски, претседател на здружение Пелагониско поле Битола
Земјоделците бараат и организиран откуп на домашното производство, но државата да откупи дел од пченицата за стоковите резерви. Според нивните информации, дел од мелничарите се уште располагаат со залихи пченица од минатогодишната реколта, додека паралелно во земјава секојдневно се увезуваат пченица и брашно од Србија. Сметаат дека треба да се воведат дополнителни мерки за заштита на домашното производство.
- За време на жетвата треба привремено да се забрани увозот на пченица и брашно. Најпрво да се откупи домашното производство и да се направи проценка колкави се расположливите количини домашно жито, а дури потоа да се дозволи увоз. Немаме ништо против трговците, но прво треба да се прибере и пласира нашето производств, вели Ќебакоски.
Покрај формирањето на откупната цена, земјоделците бараат и исплата на заостанатите субвенции од изминатите две години, затоа што велат дека без навремена финансиска поддршка производството станува се потешко и понеисплатливо.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
