Спорт Фудбал

Драконска казна за Шкендија: Суспензија од Купот и глоба од 105.000 евра

Фудбалската федерација на Македонија изрече една од најстрогите казни во историјата на домашниот фудбал за случувањата по финалето во Купот на Македонија меѓу Шкендија и Силекс. Тетовскиот клуб нема да се натпреварува во Купот следната сезона, а ќе мора да плати и парична казна од вкупно 105.000 евра. Санкции заработија и Силекс и Вардар.

Дисциплинската комисија на ФФМ ја казни Шкендија со исклучување од Купот на Македонија за сезоната 2026/27 и со парична казна од 30.000 евра поради одбивањето да ги прими медалите по финалето, како и поради деградирачки однос и непочитување кон официјалните лица.

Тетовскиот клуб доби дополнителна казна од 30.000 евра поради исвиркувањето на македонската химна пред почетокот на финалето, а првите четири домашни натпревари од следната сезона ќе ги игра без публика.

Шкендија заработи парични казни и за уште три прекршоци. Клубот ќе плати 15.000 евра за употреба на пиротехнички средства од страна на навивачите, 10.000 евра за националистички скандирања и 20.000 евра за истакнување транспарент со нацистичка содржина, за кој клубот претходно беше казнет и од УЕФА.

Вкупната парична казна за Шкендија изнесува 105.000 евра.

Ниту победникот во Купот не беше поштеден од санкција. Силекс ќе плати 5.000 евра поради употреба на пиротехнички средства од страна на неговите навивачи за време на финалниот натпревар.

Дисциплинската комисија денеска донесе одлука и за случајот со прославата на фудбалерите на Вардар по освојувањето на шампионската титула во Струга. Скопскиот клуб ќе мора да плати 15.000 евра поради навредливо скандирање на играчите.

Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар и поради користење пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло меѓу Вардар и Шкендија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ламин Јамал откри што му кажал Меси по финалето: Неговоте зборови вредат колку медaлот на моите гради

Kristina Kuzmanovski

(Фото) Шампионите ги пречекаа во Мадрид

Kristina Kuzmanovski

ФИФА со дисциплинска постапка против Аргентина за инцидентите во финалето

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе